Работилница за изработка на Регионална стратегија за иновации во Пелагонискиот регион

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион на 17-ти мај 2016 година во Хотел Милениум во Битола организира работилница за изработка на Регионална стратегија за иновации. Овој процес  се спроведува во сите плански региони со поддршка на Министерството за локална самоуправа на РМ и Германското друштво за меѓународна соработка во рамките на проектот “Одржлив и инклузивен регионален економски развој во Македонија”.

Изработката на регионалните стратегии за иновации има за цел стимулација на иновациите, претприемништвото и подобра искористеност на иновативниот потенцијал на регионите, преку зајакнување на соработката помеѓу истражувачките центри и бизнис заедницата, притоа фокусирајќи се на развојот на МСП. Регионалните стратегии за иновации ќе се подготвуваат и имплементираат со вклучување на претставниците од јавниот сектор, приватниот сектор (стопански комори, кластери, бизнис асоцијации, компании итн.) истражувачки и образовни институции, како и граѓанскиот сектор.

Пристапот кој се применува во изработката на Регионалните стратегии за иновации е smart specialization, кој е главен елемент во иновативните полиси на ЕУ, и претставува насочување на иновациите кон карактеристичните и развиени индустрии во регионот за кој што има развиени човечки капацитети.

 

Реализиран Проектот за “Опремување на Младински културен центар во населено место Новаци”

Центарот за развој на Пелагониски плански регион ја заврши имплементацијата на проектот “Опремување на Младински културен центар во населено место Новаци”.
Со уредувањето на младинскиот културен центар се  обезбедуваат услови за реализација на настани од различен вид,  културни, едукативни, забавни настани и собири.

Младинскиот културен центар ќе претставува катче за социјализација и креативно дружење на младите, но истиот ќе биде погоден и за различни настани наменети за сите возрасни групи на граѓани од општина Новаци. Со  опремувањето на младинскиот културен центар се обезбедуваат услови за активирање на младите во различни активности, настани и проекти кои ќе придонесат за унапредување на социјалниот и културниот живот во Општина Новаци.Поконкретно со проектот ќе се изврши комплетно внатрешно уредување на просториите на младинскиот културен центар во Новаци преку набавка и поставување на:- 22 работни бироа за повеќенаменска просторија, изработка и монтaжа на вграден плакар со димензии 585/25/60 cm во просторот наменет за КУД Новаци, набавка и монтажа на 28 метални ормарчиња за гардеробирање, канцелариски ормар од оплеменета иверка, изработка и монтажа на работна единица со 4 работни бироа со фиокари заедно со ѕидна облога со висечки ормарчиња и отворени полици, канцелариски ормари од оплеменeта иверка со димензии 640/240/45cm, изработка на работна единица во овална форма за 4 работни места и 4 фиокари со димензии 410/150cm, канцелариски ормар со димензии 245/240/40cm, изработка на работна единица со 2 работни бироа и фиокари со фисечки ормарчиња. Набавка на 3  самостоечки  закачалки, изработка на парапетна полица, жардинера за цвеќе, огледала во машки и женски санитарии, набавка на 10 ергономски канцелариски столици, набавка на 34 фиксни столици соединети по 4 во ред и 44 столици со метална конструкција за повеќенаменска просторија, 4 столици за посетители без хидраулика, 10 клубски полуфотелји за посетители во ходник, 16 столици на метална констуркција обложени со еко кожа, 8 маси за високо седење, 5 клубски масички,  набавка и поставување на 39 парчиња плафонски ЛЕД светла, изработка и поставување на ѕидни облоги со тапет на површина од 45m², изработка на ѕидни облоги со фурниран медијапан на површина од 20 m², набавка на 67m² панелни завеси за затемнување и трнаспарентни завеси, набавка и монтажа на 8m² вариолајт завеси од квалитетен материјал лесен за одржување, набавка на апаратура за презентации проектор и видео бим, набавка и монтажа на ѕидни декоративни тапети за површина од 53,5 m².

Вкупна вредност на проектот изнесува 2. 564.314 мкд со дд, финансиски поддржан од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој во Република Македонија, мерка 321.

Започна имплементацијата на проектот: “Реконструкција на шеталиште во Демир Хисар”

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион денес на 26.04.2016 година, одржа прес конференција по повод започнувањето на реализацијата на проектот: “Реконструкција на шеталиште во Демир Хисар”. Со проектот ќе се  подобри безбедноста на пешаците, велосипедистите и сите граѓани на   Општина Демир Хисар.

Ќе се модернизира изгледот на централното подрачје и ќе се унапредат условите за слободно и безбедно движење на граѓаните во овој регион бидејќи се работи за локација која излегува на регионален пат. Поконкретно, следните активности ќе бидат реализирани: Реконструкција на постоечко шеталиште во должина од 1325 м; Поставување на префабрикувани бетонски бехатон плочки во две бои со димензии 30 x 30 x 3.5 cm на површина од 2750 м² и вкупна должина 1325 м; Поставување на ивичњаци  на двете страни по должината на патеката во должина од 2670м; Висинско нивелирање на капаци од постоечка инфраструктура, според нивелета на реконструираната пешачка патека; Висинско нивелирање на постоечки асфалтен тротоар на места на пешачки премин и крстосница; Позицијата вклучува отстранување на постоечки асфалт, нивелирање на подлогата, корекција на постоечки рабници согласно нивелетата на новопроектираната патека.

Носител на проектот e Центарoт за развој на Пелагониски плански регион, кој го реализира истиот во рамките на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој ( Мерка 322) на Агенцијата за Финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Вкупната вредност на проектот изнесува 3.359.412,15 мкд со ддв.

 

Започна имплементацијата на проектот: Изградба и реконструкција на Плоштад со шеталиште и зелена површина во Ресен

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион денес на 31.03.2016 година одржа прес конференција  по повод започнувањето на реализацијата на проектот;  Изградба и реконструкција на Плоштад со шеталиште и зелена површина во Ресен м.в. Починалиште.Со реализацијата на проектот локалитетот ќе добие целосно нов изглед.

Поконкретно, следните активности ќе бидат реализирани: Ќе се изврши изградба на ракометно игралиште на 800 м²; Изградба на кошаркарско игралиште на површина од 312 м²; Осветлување на ракометното и кошаркарското игралиште, поставување на огради во висина од 4м на двете игралишта; Изградба на тротоар;

Изградба на детско игралиште со заштитна ограда и комплетна урбана опрема (клупи, клацкалица, нишалки, тобоган, корпи за отпадоци,); Изградба на 2 современи видиковци опремени со клупи и маси; Изградба на скали; Реконструкција на амфитеатар; Целосно уредување на пешачка патека во должина од 710 м² со изградба на патека од бехатон со зазеленување по должината на патеката, поставување на урбана опрема- парковски клупи, огласни табли за реклами, корпи за отпадоци; Поставување на парковски чешми; Целосно осветлување на локалитетот со поставување на 22 канделабри; Комплетно реновирање со нова дограма на 2 тоалети; Изградба на паркинг на површина од 667м².

Со изградбата и уредувањето на овој локалитет се овозможува повеќенаменска програма за спорт, забава, рекреација и истиот е погоден за сите возрасни групи на граѓани. Непосредната близина до градот дава можност и учениците да го користат локалитетот за спорт, рекреација, забава, претстави и други активности од социјален карактер. Со проектот се придонесува кон подобрување на условите за социјалниот живот на граѓаните од општина Ресен.

Проектот е еден од 10-те проекти кои Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ги реализира во рамките на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, во рамките на мерката 322 и неговата вкупна вредност изнесува 5.277.803,76 мкд со ддв.

 

Центарот за развој на Пелагонискиот регион започна со реализација на проектот “Адаптација на Дом за деца и млади во село Кравари, општина Битола”

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион одржа прес конференција со која го означи започнувањето на реализацијата на проектот Адаптација на Дом за деца и млади во село Кравари, општина Битола. Со проектот ќе бидат превземени инфраструктурни активности за адаптација на дел од месната заедница во  Дом за деца и млади во Кравари.

Домот за млади и деца ќе располага со неколку простории за деца и млади, канцеларија, службен влез, кујна со остава, посебни санитарни јазли, тераси за млади и деца. Вкупниот габарит на просторот кој се адаптира изнесува 180м2.
Имплементацијата на проектот ќе овозможи унапредување на условите за живот на децата и младите во руралните средини, унапредување на социјалниот живот во руралните средини и поттикнување на одржливиот рурален развој во Пелагонискиот плански регион.
Вкупната вредност на проектот изнесува 6.562.763 мкд.Проектот е еден од 10-те проекти кои Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ги реализира во рамките на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, во рамките на мерката 321.

Центарот за развој на Пелагониски плански регион започна со имплементација на проектот: “Уредување и опремување на Дом на Култура- отворена сцена во м.в. Могила

Центарот за развој на Пелагониски плански регион започна со имплементација на проектот “Уредување и опремување на Дом на Култура- отворена сцена во м.в. Могила.

Овој проект е еден од 10-те нови проекти кои Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ги реализира во рамките на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година. Вкупна вредност на проектот изнесува 4.355.604,00 денари (со ДДВ) и се реализира во рамките на мерката 321 на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

Со проектот ќе биде изградена нова отворена сцена во Домот на Културата во Могила и нејзино комплетно опремување со најсовремена опрема и техника.

Поконкретно, следните активности ќе бидат реализирани:

Изградба на бина со партер и два пристапи;  Изградба на објект со комплет електрика и опрема за потребите на сцената; Набавка на опрема за озвучување (микрофони, звучници, кабли, бас бин видео бим, сталаци за звучници, миксета); Набавка на 350 столчиња за публика

Имплементацијата на проектот ќе овозможи зголемување на бројот на посетители на културни настани во руралните средини што ќе го унапреди социјалниот живот во руралните средини и ќе придонесе за поттикнување на одржливиот рурален развој во Пелагонискиот регион.

Одржана 14-та седница на советот за развој на пелагонискиот планински регион

На 23.02.2016 година, во просториите на општина Битола се одржа 14-тата седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион. На истата усвоени беа годишните финансиски извештаи, извештаите за работењето на ЦРППР, извештајот  за реализацијата на Програмата за развој на Пелагонискиот регион во 2015 година како и одобрените проекти за регионален развој кои Центарот за развој на Пелагониски плански регион ќе ги реализира во 2016 година.

Според дневниот ред на 14тата Седница на Советот за развој на Пелагониски плански регион, разгледани беа информациите за текот на реализацијата на проектите одобрени во рамките на Програмата за поддршка на руралниот развој во 2015 година како и учеството на Центарот за развој на Пелагониски плански регион во проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Грција 2014-2020.

Претставени можности за инвестирање во Пелагонискиот плански регион

Центарот за развој на Пелагониски плански регион на 25 јануари 2016 година организираше промотивен настан за Претставување на можности за инвестирање во Пелагонискиот регион.

На  промотивниот настан беше  претставен Водичот за инвестирање со збирка на индустриски зони во Пелагонискиот плански регион, Програма за поддршка на приватниот сектор и веб страната www.investinpelagoniaregion.mk, изработени во рамките на проектот:

Проширување на функциите на центрите за развој на Планските региони во насока на спроведување на активности и услуги за поддршка на приватниот сектор , финансиран од Министерството за локална самоуправа на РМ. Главна цел на проектот е зголемување на конкурентноста на планските региони преку поддршка на претприемништвото и МСП во регионот.

На настанот свое обраќање имаа Претседателот на Советот на Пелагонискиот плански регион и градоначалник на општина Ресен г-дин Ѓоко Стрезоски, Претседателот на Регионалната стопанска комора во Битола г-дин Мирко Велковски и Директорката на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион г-ѓа Емилиа Ѓероска, кои го истакнаа значењето на овие документи во насока на привлекување на повеќе инвеститори во регионот.

Овие документи имаат за цел да го олеснат пристапот до информации за потенцијалните домашни и странски инвеститори преку давање конкретни податоци каде има индустриски зони, слободни локации, нивни специфики и поволности кои се нудат во нив, како и идни планирани активности во регионот во насока на поддршка на приватниот сектор.

Овие изданија ќе бидат дисеминирани вo регионот и во државата, но и надвор од неа преку промоторите на РМ во другите земји, кои што ќе ги презентираат регионите пред заинтерсираните компании , со цел да се привлечат повеќе инвестиции, и секако преку веб страната која ќе биде главно средство за добивање на информации за карактеристиките , ресурсите и   потенцијалите на регионот , како и за  можностите за инвестирање во сите достапни греенфилд и брaунфилд локации во Пелагонискиот регион.

Оглас за ангажирање експерти

ЗА ПРОЕКТОТ “Развиено наследство, вектор на односи и основа за регионален идентитет” кој се спроведува во рамките на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија.

За потребите на горенаведениот проект потребно е ангажирање на еден експерт кој треба да изврши ревизија на состојбата на терен на 4-те планински патеки кон црквите и манастирите на Баба Планина дефинирани од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион. Патеките се дел од Студијата за развој на манастирскиот туризам на Баба Планина и за истите дополнително се испечатени и мапи на англски и македонски јазик.

Патеки:

-Виа Игнациа: Трново  -Магарево – Ротино – Цапари – Маловишта;

-Патека по светите води: Грнчари – Курбиново –Сливница – Брајчино – Љубојно -Долно Дупени;

-Патека: Маловишта – Св.Ана – Сливнички манастир;

-Патека: Брајчино – Големо Езеро – Ниже поле.

Краен резултат од ангажманот ќе биде извршена ревизија на дадените патеки документирана преку изработен Извештај за извршени задачи и утврдени состојби на патеките.

РАБОТНИ ЗАДАЧИ

За успешна реализација на ревизијата на патеките на терен, ангажираниот експерт ќе ги изврши следните работни задачи:

1.Утврдување на состојбата на патеките и евентуални отстапки од трасата опишана во Студијата за развој на манастирскиот туризам на Баба Планина.

2.Утврдување на евентуални одстапувања и оштетувања на поставената сигнализација вдолж патеките.

3.Достапност на патеките во различни временски сезони и проверка и утврдување на времето потребно истите да се поминат во различни временски сезони и услови (време потребно во зима, во лето).

Опис на работни задачи – Превземи

Оглас за ангажирање компанија

ЗА ПРОЕКТОТ “Развиено наследство, вектор на односи и основа за регионален идентитет” кој се спроведува во рамките на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија.
За потребите на горенаведениот проект потребно е ангажирање на надворешна компанија која ќе изврши ревизија на текстот на Kаталогот на црквите и манастирите на Баба Планина кој е изработен согласно Студијата за развој на манастирски туризам на Баба Планина од страна на Центарот за развој на Пелагониски регион

Ревизијата на текстот треба да биде направена во координација со Договорниот орган врз основа на реализирани теренски посети од страна на ангажираната компанија како и со користење на Извештајот од теренска ревизија на четирите планински патеки кои водат кон црквите и манастирите на Баба Планина кој ЦРППР ќе и го стави на располагање на ангажираната компанија.

Ревизијата на текстот на Каталогот треба да утврди дали од неговото првично составување па заклучно со јануари 2016 година, настанале значителни промени во условите и информациите за црквите и манастирите кои се поместени во Каталогот во смисла на: достапност на истите за домашните и странските туристи, промена на статусот на заштита и значителни промени во нивните културно-историски вредности кои може да имаат влијание врз намалување/зголемување на нивната туристичка вредност.

 

При ревизијата на текстот на Каталогот во предвид треба да бидат земени следните патеки:

– Виа Игнациа: Трново – Магарево – Ротино – Цапари – Маловишта

– Патека по светите води: Грнчари – Курбиново – Сливница – Брајчино – Љубојно – Долно Дупени

– Патека: Маловишта – Св. Ана – Сливнички манастир

– Патека: Брајчино – Големо Езеро – Ниже поле

Краен резултат од ангажманот ќе бидат ревидиран текст на Каталогот со цркви и манастири на Баба Планина и Извештај за измените од првичниот текст на Каталогот.

Опис на работни задачи – Превземи