Пелагонискиот плански регион се наоѓа во југозападниот дел на државата и го сочинуваат 9 општини: Битола, Демир Хисар, Долнени, Кривогаштани, Крушево, Могила, Новаци, Прилеп, и Ресен, а вкупно 344 населени места. Регионот на југ граничи со Република Грција, а на југозапад со Република Албанија. Има вкупна површина од 4.717 км2, односно 18,34% од вкупната површина на државата и претставува најголем плански регион во државата. Според новиот попис од 2021 година во регионот има 210.431 жители (намалено за 27.705 жители во споредба со минатиот попис од 2002 година).

Од 9-те општини, пет имаат карактер на урбани средини и тоа: Битола, Демир Хисар, Крушево, Прилеп, и Ресен, додека четири општини имаат карактер на рурални: Долнени, Кривогаштани, Могила и Новаци. Петте града во Пелагонискиот регион зафаќаат урбана површина од 80 км² или 1,7%, од вкупната површина на регионот, на кој е сконцентриран 87,4% од вкупното население. На останатиот рурален простор отпаѓа површина од 98,7% (4.637 км²) кој го сочинуваат 338 селски-рурални населби.

Според податоците за 2019 година, во регионот живее 10,9% од вкупното население во државата. Густината на населеност  во регионот изнесува  48,08 жители на км2, што го прави Пелагонискиот регион седми регион во државата по густина на население. За споредба просечната густина на население во земјата изнесува 80,75 жители/км2.