Реновирана болницата за превенција, лекување и рехабилитација на респираторни заболувања – Отешево

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ја комплетира имплементацијата на проектот: Подобрување на здравствените услуги и создавање на услови за рехабилитација на ранливи категории граѓани и пост ковид пациенти. Со проектот за прв пат после неколку децении се изврши реновирање на кров, фасада, ходници, болнички соби, тоалети, се постави нова дограма се изврши внатрешно уредување, се воведе интернет пристап и се набави опрема за дигитализација и олеснување на услугите за пациентите на оваа установа.
Дополнителна вредност на овој проект што истиот е резултат на серијата на регионални форуми на заедницата кои што Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ги спроведе како алатка за приоретизација на регионални проблеми и потреби. Проектот е финансиски поддржан во рамките на Грантовата шема на 🇲🇰 Министерството за локална самоуправа и 🇨🇭Швајцарската агенција за развој и соработка проект “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – II фаза”
Оваа установа според својата функционалност и начин на делување во своето подрачје, има нe само регионално, туку и национално значење, затоа што во неа доаѓаат пациенти од целата држава и странство. Покрај придонес кон подобрување на здравствените услуги за граѓаните на овој регион и пошироко со проектот се придонесува и кон отворање на можноста за развој на таканаречениот здравствен туризам за кој има предиспозиции.

Зајакнување на институционалните капацитети во Пелагонискиот регион за подобрување на социјалните услуги и заштита на животната средина

 

Успешна имплементација на уште еден енергетски ефикасен проект, кој е одговор на специфичните потреби на Општина Прилеп. Во рамките на проектот “Зајакнување на институционалните капацитети во Пелагонискиот регион за подобрување на социјалните услуги и заштита на животната средина” во Старскиот дом во Прилеп инсталирани се фотоволтаици кои овозможуваат заштеда од 30% од вкупната потрошувачка на електричната енергија на оваа институција.
Проектот има големо значење во контекст на енергетската криза, бидејќи ќе придонесе за намалување на трошоците за електрична енергија и ќе придонесе во заштитата на животната средина а исто така, ќе промовира успешно искористување на обновливите извори на енергија. Остварената заштеда ќе биде реинвестирана во подобрување на условите за престој на штитениците во Домот за стари лица кои доаѓаат од сите општини од Пелагонискиот регион. Проектот е дел од низата успешно имплементирани проекти за регионален развој кои ги следат приоритетите на регионот и е финансиски поддржан во рамките Програмата за рамномерен регионален развој на Бирото за регионален развој, со кофинансирање од страна на Општина Прилеп.

Изградено ново спортско игралиште во Општина Новаци

 

Со проектот: ”Подобрување на социјалната инклузија во Пелагонискиот регион преку изградба на инфраструктура за спорт и рекреација во руралните средини”, во општина Новаци се изгради и се стави во функција ново функционално игралиште за спортски и рекреативни активности на најмладите жители.
Главната цел на овој проект е да се унапредат условите во руралните средини за овозможување на социјализација и спортска едукација на најмладите жители на населените места во Општина Новаци. Исто така со проектот се овозможија подобри услови за одржување на настава по физичка култура во основните училишта како и за развој на спортската култура кај младите во овој дел од регионот.
Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементираше проектот за изградбата на игралиштето со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој за 2023 година на Бирото за регионален развој и со кофинансирање од општина Новаци.

Регионални форуми во Пелагонискиот регион

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој започнува со реализација на циклус на регионални консултативни форуми. Преку овие форуми ќе се изврши идентификација и приоретизација на клучни теми и проблеми кои го засегаат регионот. Во рамките на 2-те предвидени форумски сесии ќе се дискутира за проблеми, теми и предлози од кои ќе произлезат нови регионални предлог проекти. Од изработените предлог проекти форумот ќе приоретизира најрелевантни кои понатаму ќе влезат во конкуренција за реализација од проектниот фонд. Првата форумската сесија ќе се одржи на 09.11.2023 (четврток) со почеток од 11:00 часот во хотел Милениум Битола. Процесот е поддржан од 🇲🇰Министерство за локална самоуправа и 🇨🇭Швајцарската Агенција за развој и соработка.

Три нови детски катчиња за најмладите во општина Битола

 

Во рамките на ”Проектот за обезбедување на инфраструктурни и технички услови за социјална инклузија”, во соработка со општина Битола изградени се 3 детски паркчиња за социјализација и игра на најмладите. Парковите се изградени и опремени со опрема и реквизити согласно сите безбедносни критериуми за паркови од ваков вид.
Со реализацијата на проектот се подобри инфраструктурата и се обезбедија нови капацитети за социјализација на деца од предшколска и школска возраст. Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементираше овој проект во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој на Министерстовото за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

Признание за ЦРППР за посебен придонес во развојот на туризмот

 

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион како резултат на заложбите, активностите и проектите кои ги имплементира, доби признание за посебен придонес во развојот на туризмот. Признанието беше доделено од страна на  Министерството за економија преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот а по повод традициoналното одбележување на 27-ми септември ’Светскиот ден на туризмот”.

Организирана обука за зајакнување на системот за противпожарна заштита во Пелагонискиот регион

На 11-ти и 12-ти Септември на локации во близина на селата Братиндол и Ротино во Битола се одржаа двe тренинг – показни вежби на тема: Оперативен менаџмент на шумски пожари, наменети за шумските ренџери и противпожарните единици од Пелагонискиот регион. Тренинзите се дел од активностите на проектот ПРЕВЕНЦИЈА И УПРАВУВАЊЕ СО ПРЕКУГРАНИЧНИ КОМПЛЕКСНИ ПОПЛАВИ И ШУМСКИ ПОЖАРИ – SOLVE кој Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементира во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Грција 2014-2020 година која е дел од Инструментот за претпристaпна помош на Европската Унија.
Главната цел на проектот е: Да се минимизираат ризиците од шумски пожари (урбани и диви) и поплави во регионот на начин на кој што може да се реплицира и во други региони. Преку истиот проект набавена е и противпожарна опрема за територијалните противпожарни единици на Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и Демир Хисар. На тренинзите учество зедоа претставници на сите територијални противпожарни единици од регионот како и претставници од Националниот парк Пелистер.
Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ги имлементираше овие активности во координација со Националниот Парк Пелистер , ЦУК, ДЗС и сите останати релевантни чинители во областа на противпожарна заштита во регионот. Професионалната експертиза и логистика на настаните беше на Центарот за едукација и заштита од пожари Пегаз Еду Битола.

Изграден патот до манастирот Св.Илија во село Градешница, Општина Новаци

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион како одговор на приоритетите на регионот ја реализираше изградбата на патот во рамките на проектот: Поддршка на развојот на недоволно развиените и депопулационите подрачја во Пелагонискиот регион преку изградба на современа патна инфраструктура” со финансиска поддршка од Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа. Со изградба на патот се придонесува кон подобрување на пристапот до селата во Пелагонискиот регион и до нивното културно наследство како и кон подобрување на квалитетот на животот на локалното население. Со резултатите на проектот ќе се создадат и услови за привлекување на повеќе домашни и странски туристи.

Зајакнати капацитети за зимско одржување и чистење на патна инфраструктура во Пелагониски регион

 

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион набави нова современа механизација за зимско одржување и чистење на патната инфраструктура за Општина Ресен. Механизацијата се состои од два трактори со плугови и растурачи за сол а истата има за цел да овозможи непречено и навремено обезбедување на услуги за зимско одржување и чистење на патната инфрастрктура во општина Ресен. Истата е обезбедена во рамките на проектот ”Зајакнување на техничките капацитети на ЈКП во регионот за зимско чистење и одржување на патната инфраструктура” кој што Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементира во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој на Бирото за регионален развој со финансиска поддршка на Министерството за локална самоуправа.

 

Набавена нова современа опрема за ТППЕ во Пелагонискиот регион

 

 

На 17.05.2023 година во Битола во рамките на проектот ”ПРЕВЕНЦИЈА И УПРАВУВАЊЕ СО ПРЕКУГРАНИЧНИ КОМПЛЕКСНИ ПОПЛАВИ И ШУМСКИ ПОЖАРИ SOLVE” се одржа настан за промоција и примопредавање на ново набавена опрема која Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ја набави за 5-те територијални противпожарни единици од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Крушево. За ТППЕ Битола се набавени 32 интервентни заштитни комплети одела, за останатите 4 ТППЕ набавени се комплети за шумски пожари и тоа за Прилеп 30 комплети, за Ресен 12 комплети, за Демир Хисар 7 комплети и за Крушево 9 комплети одела за шумски пожари. Набавката на противпожарна опрема е со цел унапредување на капацитетите на противпожарните единици и е само една од активностите на проектот SOLVE. Главната цел на проектот е: Да се минимизираат ризиците од шумски пожари ( урбани и диви) и поплави во регионот на начин на кој што може да се реплицира и во други региони.
Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го спроведува овој проект во рамките во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Грција 2014-2020 година која е дел од Инструментот за претпристaпна помош на Европската Унија со кофинансирање од страна на Министерството за локална самоуправа.