Рурално претприемништво – СМАРТ РУРАЛ

На 31-ви јануари 2018 година во Кожани, Грција, успешно беше одржан првиот состанок за започнување на проектот “Рурално претприемништво – СМАРТ РУРАЛ”, во рамките на програмата Балкан Медитераниан 2014-2020.
На состанокот помеѓу проектните партнери беа дискутирани сите активности и стратегијата со цел успешно и ефективно имплементирање на проектот. Во рамките на состанокот со детална анализа на содржината на проектот беа идентификувани заедничките цели на проектните партнери со цел зајакнување на претприемништвото и намалување на невработеноста во руралните средини преку развивање и екплоатација на Смарт Рурал моделот, базиран на иновации и одржлив развој.
Развивањето на слободно достапна алатка на електронска банка на знаење за поддршка на претприемништвото (Водич за развивање на Смарт Рурал бизнис модел, Извештај за препораки за погодна бизнис клима, итн), развој на електронски веб портал (за услуги за вмрежување, ГИС за рурални бизнис зони, итн), како и услуги за поддршка за развивање на бизнис активности во руралните средини (кај нови и посточки бизниси), се дел од планираните проектни активности во рамките на овој проект.
Во проектот учествуваат 8 проектни партнери од 5 држави (Македонија, Грција, Бугарија, Кипар и Албанија):

  • Центар за развој на Пелагониски плански регион (Македонија)
  • Регионална агенција за развој на Западна Македонија АНКО (Грција)
  • водечки партнер на проектот
  • Универзитет Аристотел Солун – Економски оддел (Грција)
  • Бугарски економски форум ( Бугарија)
  • Агенција за локален економски развој Разлог (Бугарија)
  • Агенција за развој на областите Ларнака и Фамагуста – АНЕТЕЛ(Кипар)
  • Општина Дропул (Албанија)

Проектот официјално започна на 01.12.2017 година со времетраење од 24 месеци и со вкупен буџет на проектот од 962.884 ЕУР. Проектот е кофинансиран од Европска Унија (85%) и национални средства од земјите учеснички (15%).

Посета на амбасадорот на ЕУ во ЗОО Битола

Во рамките на кампањата „ЕУ за тебе“ чија цел е да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта од ЕУ, во Битола Амбасадорот Самуел Жбогар ја посети и Зоолошката градина која беше реновирана во рамките на проектот ЗОО Иноватива чиј носител беше Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион а финансиски беше поддржан од страна на делегацијата на Европска Унија и Министерството за локална самоуправа, во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција. За време на посетата, г-динот Жбогар се запозна со целта и постигнатите резултати од проектот и имаше можност да ги посети реконструираните живеалишта на мечката, рисот, лавот, тигарот, лисицата, ракунот, мајмуните, изградената фарма за домашни животни, селската куќа и двата реконструирани комплементари објекти – влез и билетара. Исто така, за време на посетата, раководството на Зоо Битола го информираше амбасадорот за континуираното зголемување на бројот на посетители на оваа институија, подобрувањето на соработката со дел од јавните и образовните институции од регионот како и за предизвиците и идните развојни планови.

Промоција на Пелагонија како дестинација за активен туризам

На 02-03 ноември 2017 година во Пелагонискиот регион (Дихово, Пелистер, Мариово) се реализираше дводневна инфо тура “Пелагонија создадена за авантура” наменета за инкаминг тур оператори од Македонија а со цел промоција на регионалните потенцијали за развој на активниот туризам. Инфо турата е дел од проектот “Промоција на Пелагонија како дестинација за активен туризам” кој Центарот за развој на Пелагониски плански регион го реализира со поддршка од Министерство за економија на Република Македонија.
За време на дводневниот настан, учесниците преку планинарска тура се запознаваа со туристичките потенцијали на Баба Планина и Националниот Парк Пелистер, новокреираните туристички производи во овој дел од регионот, неговите потенцијали за развој на руралниот туризам и секако традиционалната македонска кујна. Вториот ден од турата беше посветен на запознавање со Мариовскиот дел од Пелагонија преку реализација на џип сафари низ најзначајните предели на Мариово од географски, културолошки и историски аспект. Покрај промотивните активности за време на настанот презентирани беа и сите проекти кои Центарот за развој на Пелагониски плански регион ги има реализирано за забрзување на развојот на туризмот во Пелагонискиот регион.

Работилница за подготовка на Регистар на потенцијали за рурален туризам во Пелагонискиот регион

Во рамките на проектот на Министерството за локална самоуправа “Иновативни решенија за подобар пристап до услуги на локално ниво” кој се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) а во соработка со Центрите за развој на планските региони во Република Македонија, на 10.10.2017 година, во Битола беше одржана работилница за подготовка на Регистар на потенцијали за рурален туризам во Пелагонискиот регион.

На работилницата присуствуваа претставници од јавниот, невладиниот и туристичкиот бизнис сектор од регионот кои заедно со Националнот Експерт за туризам на УНДП и дел од истражувачкиот тим ја анализираа првата верзија на Регистарот на потенцијали за рурален туризам. Целта на неговата подготовка е да се добие релевантна датабаза на природните и антропогените ресурси со кои располага Пелагонискиот регион, која би била основа за креирање и имплементација на квалитетни туристички политики. Согласно предвидената временска рамка, финалната верзија на Регистарот треба да биде готова до средината на месец ноември 2017 година.

Нов ровокопач за превенција од поплави за Пелагониските општини

Јапонската Амбасадорка во Република Македонија г-ѓа Кеико Ханеда денес во Новаци го предаде во употреба новиот багер ровокопач, набавен во рамките на ”Проектот за опремување на Центарот за развој на Пелагониски плански регион со механизација за превенција од поплави во Пелагонискиот регион” поддржан од Владата на Јапонија. Висината на грантот изнесува 70.000 евра а ровокопачот ќе се користи за чистење на речните корита во сите Пелагониски општини. На примопредавањето присутни беа претседателот на Советот за развој на Пелагониски плански регион г-дин Ѓоко Стрезовски, директорката на Центарот за развој на Пелагониски плански регион г-ѓа Емилиа Ѓероска, градоначалникот на општина Новаци г-дин Лазар Котевски и градоначалникот на општина Долнени г-дин Боше Милошевски.
Со набавка на ова специјализирано возило, се придонесува кон обезбедување на услови за локалното население од Пелагонискиот регион да живее и работи во средина со намален ризик од природни непогоди.

Јавни расправи за „Студија за оцена на влијанието врз животната средина за Интегриран систем за управување со цврст отпад (ИСУЦО)“

На 25.07.2017 година во ОУ Никола Карев Крушево ќе се одржи јавна расправа за  „Студија за оцена на влијанието врз животната средина за Интегриран систем за управување со цврст отпад (ИСУЦО)“. – јавна расправа Крушево

На 26.07.2017 година во општинска сала на општина Новаци ќе се одржи јавна расправа за  „Студија за оцена на влијанието врз животната средина за Интегриран систем за управување со цврст отпад (ИСУЦО)“. – јавна расправа Новаци

Се покануваат сите заинтересирани страни да земат учество на јавните расправи

6 НОВИ ПРОЕКТИ ЗА ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН

И 2017 година ќе биде интензивно работна за Центарот за развој на Пелагониски плански регион. Шест нови проекти ќе бидат реализирани во наредниот период со вкупна вредност од над 400. 000 евра.
– Во општина Могила продолжуваме со регулирање на Коритото на Црна река и нејзините притоки по течението на општините Могила, Новаци, Демир Хисар и Битола ( трета фаза).
– По реконструкцијата на двата регионални зелени пазари во Битола и во Прилеп, годинава ќе се реконструира и регионалниот зелен пазар во општина Демир Хисар.
– Во општина Долнени продолжуваат инвестициите со цел заокружување на регионалната туристичка понуда. Имено по проетктот за Изградба на универзален отворен простор со придружни содржини за одржување на МФ “Пеце Атанасовски годинава ќе се реаизира и Реконструкција на затворен простор за одржување на настани од национален интерес.
Континуирано го градиме системот за противпожарна заштита во Пелагонискиот регион!
– За општина Крушево ќе се набави противпожарно возило за заштита на националното културно наследство и туристичките потенцијали. Противпожарното возило за Крушево е надополнување на системот за противпожарна заштита на регионот за кој во минатите години набавени беа: Противпожарно возило за Демир Хисар; 280 противпожарни хидранти за вода поставени во поодалечените планински села од Пелагонискиот регион; 96 комплети софистицирана спасувачка опрема за интервенција при појава на пожари за ТППЕ од Пелагонискиот регион; 50 инфо знаци за противпожарна заштита поставени во шумски подрачја на регионот.
Овие 4 проекти се финансирани од средства од Бирото за регионален развој на РМ за 2017 година.
Дополнително ќе реализираме уште 2 нови проекти финансирани од странски фондови и тоа:
– Превенција од поплави – зајакнување на регионалните капацитети
Со проектот ќе се набави специјализирано возило – багер ровокопач за чистење на канали, кој ќе биде достапен за сите Пелагониски општини. Проектот ќе се имплементира во рамки на програмата „Грант помош за поддршка на мали проекти” (Grant Assistance for Grassroots Human Security Projects – GGP) основана од Владата на Јапонија
– Паметно рурално претприемништво (Smart Rural Entrepreneurship) кој ќе се имплементира во рамките на новоотворената ЕУ Програма – Балкан Мед, во партнерство со 7 институции од Кипар, Грција, Албанија и Бугарија. Со овој проект ќе се унапредат услугите на бизнис центарот при ЦРППР. Со што ќе се нудат услуги за сите заинтересирани за претприемнички алатки, подготовка на апликации и бизнис модели за претприемништво во рурални средини.

Пелагониските иксуства од ИПА фондови пример за општините од БиХ

Денес Центарот за развој на Пелагониски плански регион беше домаќин на претставници од општини од Босна и Херцеговина, со цел надградба на капацитетите на БиХ за искористување на ИПА фондови. Активноста беше договорена при посетата на Н.Е. Амбасадорката на БиХ во Македонија г-ѓа Лепа Бабиќ во Пелагонискиот регион пред 2 недели, од каде што произлезе идејата за оваа 3 дневна студиска посета.
Во рамките на оваа посета на гостите од БиХ им беа презентирани искуствата на Пелагонискиот регион во искористувањето на ИПА фондовите со посебен акцент ставен на ИПАРД програмата, каде Македонија влегува во вториот програмски период на ИПАРД 2014-2020 додека во БиХ за прв пат ќе биде отворена оваа програма.
Целта на посетата е преку позитивните и негативните примери да им се претстават мерките и можностите кои се нудат преку оваа програма, како и да ги увидат проблемите со кои можат да се соочат во делот на спроведување на програмата.
Во првиот ден од посетата Босанските претставници ја посетија општина Прилеп каде што имаа можност да се запознаат со тамошните искуствата во искористување на средства од ИПА фондовите. Делегацијата утре ќе ја посети и општина Ресен, каде покрај претставување на нивното искуство ќе имаат и организирана теренска посета на проекти реализирани со преку ИПА програма.

ИПА фондовите причина за соработка помеѓу БиХ и Пелагонија

Денес Центарот за развој на Пелагониски плански регион беше домаќин на Амбасадорката на Бoсна и Херцеговина во Р. Македонија, нејзината екселенција г-ѓа Лепа Бабиќ и почесната конзулка на БиХ во РМ г-ѓа Билјана Дамјановска Јанчевска.
Целта на посетата беше воспоставување на соработка и размена на искуства од областа на искористување на средства од ИПА фондовите со фокус на ИПАРД програмата. На посетата се разговараше за искуството на македонските апликанти, процесите на аплицирање и спроведување на проекти од ИПА и ИПАРД програмите. Со оглед на фактот дека Македонија е во понапредна фаза на искористување на овие средства од БиХ, Амбасадорката Бабиќ истакна дека размената на искуства помеѓу Босна и Херцеговина и Пелагонискиот регион ќе биде од голема помош за искористувањето на ИПА фондовите во БиХ. На средбата исто така беше договорена работна посета на претсавници од единиците од локалната самоуправа од БиХ во Пелагонискиот регон.

Одржани информативни средби со земјоделци и компании од Пелагониски регион за можностите кои се нудат во новата ИПАРД програма 2014-2020

На 1-ви и 2-ри февруари 2017 година во Пелагонискиот регион беа организирани 3 информативни средби за можностите кои се нудат преку ИПАРД програмата 2014-2020. На овие настани кои се одржаа во Прилеп, Битола и Могила присуствуваа повеќе од 200 заинтересирани земјоделски стопанства, компании производители и преработувачи како и други субјекти кои сакаат да добијат повеќе информации за аплицирање и добивање на финансиска поддршка преку оваа програма.
На средбите пред присутните беа презентирани мерките кои ќе бидат објавени во првиот повик од новиот програмски период на ИПАРД, информации за кои инвестиции ќе бидат прифатливи, кои се потребни документи и процесот на аплицирање.
Инфо средбите беа организирани од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенција за поттикнување на равој на земјоделството и Платежната Агенција (АФПЗРР).