Работната група формирана за комплетна реконструкција на Зоолошката Градина во Битола го одржа својот втор состанок

Работната група формирана во рамките на проектот за изработка на техничка документација за комплетна реконструкција на Зоолошката Градина во Битола го одржа својот втор состанок, овојпат на терен во Зоолошката Градина во Битола.
За време на состанокот беше направена ревизија на досега сработените активности, и беа дефинирани идните насоки и активности кои треба да се превземат во соодветна временска рамка.

Исто така беше посетена и Зоолошка Градина во Битола каде детално беше скенирана состојбата во поглед на следното:

  • конфигурација на теренот,
  • состојба со постоечките живеалишта и можност за нивна реконструкција и адаптација,
  • можен распоред на нови живеалишта, придружни простории, едукативни центри, тематски паркови, односно беше дискутирано за  новиот концепт на идниот изглед на Зоолошката Градина.

Учество на Конференцијата во Истанбул организирана од Собранието на Европските Региони

Центарот за Развој на Пелагонискиот Регион учествуваше на Конференцијата во Истанбул организирана од Собранието на Европските Региони. Во рамките на конференцијата беше претставена работата на Комитетот 3 , кој работи на проекти и активности од областа на образование, млади, култура и меѓународна соработка.

Комитетот 2 ги претстави своите активности и проекти  во делот на социјалната работа и политиката преку Конференцијата за Здравје која исто така беше организирана во рамките на овој настан.Центарот за Развој на Пелагонискиот Регион е член на Собранието на Европски Региони и активно учествува во сите активности кој Собранието на Регионите ги спроведува во рамките на нивната политика за развој на регионите во Европа.

Службената посета на Љубљана

За време на службената посета на Љубљана, тимот на ЦРППР оствари и работен состанок со Љубљанската развојна агенција.На состанокот, тимот на ЦРППР   разговараше со директорката на Љубљанската развојна агенција за активностите кои се превземаат во насока на целокупен развој на Пелагонискиот регион. За време на состанокот беше разговарано и за можните начини на соработка помеѓу овие две иснтитуции.

Формирана работна група која треба да изготви програма со насоки за изработка на техничката документација за новиот изглед на Зоолошката Градина во Битола

Во рамките на проектот “Израбoтка на техничка документација за комплетна реконструкција на Зоолошката Градина во Битола”, беше формирана работна група која треба да изготви програма со насоки за изработка на техничката документација за новиот изглед на Зоолошката Градина во Битола.

Работната група во периодот 24.08-25.08.2011 година, реализираше работна посета на Зоолошката Градина во Љубљана, Р. Словенија. Во рамките на посетата беше остварена средба со највисокото менаџерско ниво на институцијата, како и со дел од негователите и едукаторите вработени во Зоолошката Градина кои се директни имплементатори на развојните политики. За време на средбата се разговараше за процесот на трансформација како и за методите и принципите по кои истата работи, односно за можна имплементација на истите и во Зоолошката Градина во Битола, со цел достигнување на стандардите пропишани во Европската регулатива за Зоолошки Градини и стандардите на ЕАЗА (European Association of Zoo and Aquaria).

Директорката на Центарот за Развој на Пелагонискиот Плански Регион г-ѓа Емилиа Ѓероска заедно со Директорката на Зоолошката градина Скопје г-ѓа Татјана Стаменов, потпишаа Меморандум за соработка

На 09.08.2011 година, Директорката на Центарот за Развој на Пелагонискиот Плански Регион г-ѓа Емилиа Ѓероска заедно со Директорката на Зоолошката градина Скопје г-ѓа Татјана Стаменов, потпишаа Меморандум за соработка.

Меморандумот се темели на унапредување на состојбите во Зоолошката градина Битола. Овој меморандум се потпишува во рамките на проектот за изработување на комплетна техничката документација на зоолошката градина во Битола а истиот ќе го реализира Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион со финансиски средства од Бирото за регионален развој.

Oдржана 12-та седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион (СРППР)

На 14.07.2011 во општина Прилеп се одржа 12-та седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион (СРППР). На 12-та седница присуствуваа сите 9 градоначалници од Пелагонискиот регион. На 12-та седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион беше донесен Акциониот план за 2012 на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

На оваа седница Директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион г-ѓа Емилиа Ѓероска ги информираше членовите на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион за потпишаните договори со Бирото за регионален развој (БРР) за одобрените проекти кои ќе се реализираат во Пелагонискиот регион.

Организирана регионална презентација на можностите за инвестирање во Пелагонискиот регион во Лерин

Центарот за развој на Пелагонискиот регион на 06.06.2011  организираше регионална презентација на можностите за инвестирање во Пелагонискиот регион во Лерин, соседна Република Грција. Гости на презентацијата беа  претставници на бизнис секторот од регионот на градот Лерин и неговата поширока околина.

Исто така, гости на презентацијата беа г. Јоанис Воскопулос, Градоначалник на Лерин, г. Лазар Котевски Градоначалник на општина Новаци, г. Славко Велески Градоначалник на општина Могила, г. Абдула Бајрамоски Градоначалник на општина Долнени, г. Арис Аристиду претседател на Стопанската комора во Лерин, и г-ѓа Зета Ризу директор на регионалната развојна агенција АН.ФЛО од Лерин.
Пред присутните гости  беа презентирани деветте индустриски зони во регионот на Пелагонија, нивните карактеристики, намени, цели и предности. Покрај индустриските зони, беа презентирани и компаративните предности и инвестициските потенцијали на секоја од општините во регионот, поточно даночните олеснувања, стимулациите, и поддршката која општинските администрации ја нудат за потенцијалните инвеститори во однос на добивањето на потребната документација и обезбедувањето на сите потребни информации кои се поврзани co инвестицискиот циклус.
По завршувањето на формалната презентација, гостите градоначалници од Пелагонискиот регион и Градоначалникот на Лерин заедно со другите присутни остварија неформален разговор за време на коктелот на кој беше разговарано за можностите за соработка помеѓу двете држави и особено помеѓу двата региони, не само во однос на бизнис соработката туку и при искористувањето на средствата достапни од фондовите на Европската Унија

Одржана третата локална презентација на можностите во општините Могила за инвестирање во регионот Пелагонија

Во општина Могила  на ден 27.05.2011 год. со почеток во 10:00 часот се одржа третата локална презентација на можностите за инвестирање во регионот Пелагонија, дел од проектот “Градиме Партнерства”, на која беа претставени индустриските зони кои се наоѓаат во општините Могила и Новаци,

останатите инвестициски потенцијали, даночните ослободувања кои ги добиваат странските и домашните инвеститори и техничката помош што ја нудат општините во насока на добивање на потребната документација поврзана со инвестицискиот процес. На оваа локална презентација присуствуваа градоначалниците на општина Могила г. Славко Велески, градоначалникот на општина Новаци г. Лазар Котевски, компании од општините Могила и Новаци и дел од општинската администрација директно вклучена во комуникацијата со потенцијалните инвеститори. Презентер на настанот беше г. Лазар Неданоски од Македонски Центар за Меѓународна Соработка.

Одржана регионална презентација на можностите во Корча за инвестирање во регионот Пелагонија

На 24.05.2011 во хотел Гранд во Корча, соседна Република Албанија, се одржа регионална презентација на можностите за инвестирање во регионот Пелагонија. На презентацијата беа присутни бизнис компании од регионот на Корча и поблиската околина. Презентер на настанот беше г. Лазар Неданоски од Македонски Центар за Меѓународна Соработка. На отоворањето на презентацијата гостите ги поздрави г-ѓа Вилма Петро вработена во општинската администрација на Корча, и г. Рубин Николоски од Центарот за развој на Пелагониски плански регион.

Во првиот дел на презентацијата беа претставени индустриските зони присутни во регионот, а во вториот дел претставени останатите инвестициски потенцијали со кои располагаат деветте општини  во Пелагонија. Детално беа претставени објектите кои се во сопственост на локалните самоуправи, а кои стојат на располагање на потенцијалните инвеститори. Исто така, беа претствени и туристичките населби кои се планираат во дел од општините во регионот (Битола, Ресен, Крушево, Прилеп). Во текот на презентацијата се разви богата дискусија  помеѓу присутните на настанот. Бизнисмените од Албанија беа најмногу заинтересирани за законската регулатива за инвесирање во хидроенергетски потенцијали, даночните олеснувања за странските инвестори, и генералната политиката на субвенционирање која Република Македонија ја спроведува. На крајот на настанот беа дискутирани развојни идеи кои би можеле да се реализираат со партнери од Р. Македонија.

Одржана локална презентација на можностите за инвестирање во општина Ресен

Во рамките на проектот “Градиме партнерства” на 16.05.2011 во Ресен се одржа локална презентација на можностите за инвестирање во општина Ресен. Презентацијата беше поделена на два дела – прв дел во кој беа презентирани можностите за инвестирање во индустриските зони “Макази” и “Преспатекс”

и втор дел во кој беа презентирани останатите можности за инвестирање, поточно откупниот центар кој ќе се гради во непосредна близина на региноналниот пат Битола – Ресен, Финското село во Долно Дупени и локалитетите во општината со огромен потенцијал за развој на алтернативен, езерски, културен и рурален туризам меѓу кои: Претор, Стење, Коњско. Во текот на настанот беа претставени и сите поволности кои локалната самоуправа ги нуди а се во насока на привлекување на  потенцијалните инвеститори: даночни олеснувања, стимулации, и помош при вадење на потребната документација. На презентацијата присуствуваа претставници од  различни гранки на бизнис секторот во општината, и претставници на локалната самоуправа од Ресен задолжени во делот на урбанизам, локален економски развој, прекугранична соработка и заштита на животна средина.