Хидранти за населените места во општина Прилеп

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион на 14.06.2012 во Прилеп ја претстави донацијата од 56 хидранти наменета главно за населените места во општина Прилеп и останатите рурални општини кои гравитираат околу Прилеп.  Раководителката на Центарот за развој на Пелагониски плански регион г-ѓа Емилиа Ѓероска

соопшти дека Пелагонискиот регион ќе биде прв регион во Република Македонија кој ќе има комплетно изградена хидрантска мрежа благодарение на Амбасадата на Јапонија. Градоначалникот на општина Прилеп г-дин Марјан Ристески истакна дека овој проект е работен во тесна соработка со ТППЕ од Прилеп од каде многу прецизно се мапирани потенцијалните ризични населени места во овој микрорегион во однос на потребата од хидранти кои им овозможуваат да заштедат на време за повторно полнење на возилата при гаснењето на селските и уште позначајно на шумските пожари. Командирот на ТППЕ Станко Колески го потенцира двојниот бенефит од поставувањето на хидрантите во населените места за подобрување на ефикасноста во справувањето со огнената стихија. Со поставувањето на хидрантите ќе се заштеди и време и финансии. Нема трошоци за гориво за враќање на возилата во ТППЕ туку се дополнуваат на самото место. Тоа е голем благодет за нашата работа изјави Командирот на ТППЕ Прилеп.Според зборовите на директорот на Ј.П. Водовод и канализација Сашо Николоски од понеделник ќе почне монтирањето на донираните хидранти, постапка за нивно инсталирање ќе заврши за 10-тина дена.

140 хидранти ќе бидат инсталирани во Пелагонискиот регион

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион на 01.06.2012 година во Битола ја претстави донацијата од 140 хидранти обезбедена од амбасадата на Јапонија, со седиште во Виена. Хидрантите ќе бидат поставени во деветте општини од овој регион, односно на местата детектирани од стручни лица на противпожарникарските служби, со што значително ќе се подобри ефикасноста за дејствување во случај на несакни шумски пожари и други интервенции, посочи Емилија Героска, директорка на Центарот.

Оваа инвестиција во изградба на хидрантска мрежа во пелагонискиот регион е прва од ваков опфат по 30 години, а вредноста на проектот изнесува 63.500 евра. Сите 140 хидранти се целосно опремени и во наредниот период локалните водоводни претпријатија ќе почнат со инсталирање на хидрантите, процедура која треба да заврши за еден месец .

Почеток на реконструкција на детскиот парк во Зоолошката Градина

На 12-ти Мај (сабота) по повод Денот на Европа и годината на активно стареење и солидарност помеѓу генерациите, во организација на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Зоолошката Градина-Битола и НВО Биосфера се одржаа промотивниот настан “Ден на дедовци, баби и внуци”.

Главната цел на настанот беше отпочнувањето и почетокот на реконструкција на детскиот парк во Зоолошката Градина што ќе се реализира со донација на Здружението на пензионери од Битола.Настанот воедно претставува прва активност во 2012 година насочена кон имплементација на техничката документација за целосна реконструкција на Битолската Зоолошка Градина.
Покрај тоа, на промотивниот ден, волонтерите на Биосфера изведоа културни содржини за присутните гости.

Зајакнување на капацитетите на жените во локалните заедници

На 30-ти Април во Битола, во Хотел Милениум, се одржа Отворена средба на тема: “Зајакнување на жените во нивните локални заедници”. На оваа средба учествуваше г-ѓа Емилиа Ѓероска- Директор на ЦРППР која говореше на темата: Граѓанското учество на жените во процесот на донесување на одлуки.

Исто така на оваа отворена средба, говореше и г-ѓата Маријана Стефановски- Управител во фирмата “ Архинова” на темата: Учество на жените во економскиот развој. Оваа отворена средба беше организирана од Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп, во рамките на проектот “ Зајакнување на жените во локалните заедници”, финансиски поддржан од Амбасадата на Швајцарија – Канцеларија за соработка во Македонија.

Претседателот на Република Македонија ја посети Зоолошката градина во Битола

На покана на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а по повод 22 април – Денот на планетата земја, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на 22.04.2012 година (недела) ја посети битолската Зоолошка градина, каде под негово покровителство се одржа манифестацијата „Секој ден е среќен ден”.

На оваа манифестација Центарот за развој на Пелагониски плански регион ја презентира веќе изработената техничка документација за ЗОО Битола која е неопходен предуслов за отпочнување на реконструкцијата, исто така беа презентирани сите други активности кои досега се преземени од страна на Центарот за развој Пелагониски плански регион.
На оваа манифестација дирекорката на Центарот за развој на Пелагониски плански регион г-ѓа Емилиа Ѓероска го најави почетокот на изградбата на детскиот парк во ЗОО Битола кој треба да биде ставен во функција до месец Јуни, како и изградбата на едно живеалиште за нилски коњ кое треба да биде изградено оваа година.

Промотивен настан “ Секој ден е среќен ден” , кој ќе се одржи на 22 Април

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион на 19-ти Април (Четврток) 2012 година со почеток во 12:00 часот, во просториите на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион одржа прес – конференција.

На прес-конференцијата присуствуваа Раководителот на ЦРППР, г-ѓа Емилиа Ѓероска, Ламбе Алабаковски, Директорот на Зоолошката градина во Битола,  г-дин Коста Нешковски и претставник од Здружението БИОСФЕРА со цел најава на големиот Промотивен настан “ Секој ден е среќен ден” , кој ќе се одржи на 22 Април(Недела), во Зоолошката градина во Битола со почеток во 12:00 часот. Исто така на оваа прес конференција беше промоциран и видеозаписот за песната ,,Место за нас” во изведба на Ламбе Алабаковски и детскиот хор ,,Ѕвончиња”.

Покровител на настанот е Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Видеозапис за промотивната песна: Ламбе Алабаковски и детскиот хор Ѕвончиња – ,,Место за нас”

Пуштена во употреба хлорната станица во Долнени

Центарот за развој на Пелагониски плански регион на 12.04.2012 година (четврток) во општина Долнени, во присуство на Министерот за локална самоуправа г-дин Невзат Бејта, Директорката на Центарот за развој на Пелагониски регион г-ѓа Емилиа Ѓероска, Градоначалникот на општина Долнени г-дин Абдула Бајрамоски и Градоначалникот на општина Кривогаштани г-дин Гоце Дуртаноски свечено ја пуштија во употреба хлорната станица во с.Дебреште, општина Долнени.Изградбата на хлорната станица  беше финансиски поддржана од страна на Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој во рамките на програмата за рамномерен регионален развој на Република Македонија.

Покрај изградбата на хлорната станица изграден е и пристапен пат  до станицата со цел непречено работење на истата и безбеден дотур на боци со хлор. Со доизградбата на Хлорната станица и комплетното имлементирање на проектот во с.Дебреште општина Долнени се овозможи непречено снабдување на квалитетна и здрава вода за пиење за околу 30.000 жители од населените места во општините Долнени, Кривогаштани и Крушево. Во хлорната станица во општина Долнени беа инвестирани 2.000.000,00 денари со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој преку Министерството за локална самоуправа.

Промотивен настан

На 24 Март во Зоолошката градина во Битола беше прославен првиот пролетен ден. Со тоа беше започната и официјалната едукативна програма, а оваа активност беше дел од истата програма која ЦРППР ја реализира заедно со невладината организација БИОСФЕРА.

На овој настан беа присутни повеќе од 50 деца кои уживаа во престојот во битолската зоолошка градина.

Промоција на манастирскиот туризам на Баба Планина

Денес во с. Царев Двор во Ресен, се одржа свечената промоција на Проектот “ Изработка на студија за поврзување и промоција на манастирскиот туризам на Баба Планина”. На оваа промоција беа промовирани каталогот и мапите кои беа изработени во рамките на овој проект.

На овој настан се обратија Градоначалникот на Ресен г-дин Михаил Волканоски, Заменик министерот за Локална самоуправа г-дин Сашо Лазаревски и Раководителот на ЦРППР г-ѓа Емилиа Ѓероска. Овој проект беше имплементиран од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, со финансиски средства од Бирото за регионален развој.

На следниот линк можете да го преземете изработениот каталог и мапи кон манастирите на Баба Планина.

Снимен видео спот “Секој ден е среќен ден”

Центарот за развој на Пелагониски плански регион на 22.03.2012 година на  Битолското шеталиште во Битола го снимaше спотот за песната “ Секој ден е среќен ден” со Ламбе Алабаковски и детскиот хор Звончиња од Битола. Видео спотот е дел од промотивната кампања за сензитирање на јавноста за поддршка на реконструкцијата и изградбата на Зоолошката градина во Битола.

На оваа кампања му претходеше проектот: “ Изработка на комплетна техничка документација за рекоснтрукција на ЗОО Битола” кој беше имплементиран од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион со финансиски средства од Бирото за рамномерен регионален развој во 2011 година. Видео записот ќе ја има својата промоција на Промотивниот настан кој ќе се одржи на 22 Април “Денот на планетата земја” – во Битола, каде што Ламбе Алабаковски заедно со детскиот хор Звончиња и уште многу други локални звезди ќе порачаат дека во Зоолошката градина во Битола “ Секој ден е среќен ден”.