Прв работен состанок за прекугранична заштита од пожар

Денес во просториите на Центарот за развој на Пелагонискиот регион се одржа и Првиот работен состанок за развој на План за прекугранична заштита од пожар. Темата на овој работен состанок беше презентација на институциите кои учествуваат во Системот за управување со кризи и нивните законски компетенции за заштита од пожар во Пелагонискиот регион.

На овој состанок беа присутни претставниците на општините Битола и Прилеп, претсавници на територијалните противпожарни единици Битола, Прилеп и Ресен, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување од Битола и Прилеп, претставници на Регионалниот Центар за управување со кризи од Битола и Прилеп, претставниците на ЈП Македонски шуми од Битола и Прилеп, како и претставник на Национален Парк Пелистер.

Доделени награди во ЗОО

Во недела на 26.08.2012 година, од 11:00 до 13:00 часот,  во Зоо Битола ќе се извлекуваат и доделуваат наградите од наградната игра која се случуваше во текот на месец август. За најсреќните посетители на Битолската Зоолошка Градина, обезбедени се повеќе од 60 награди. Главната премија е велосипед.

Покрај извлекувањето на наградите, за забавата на сите присутни ќе се погрижи Кристијан Веловски, фронтмен на групата „Фалш бенд“ .Со оваа активност, успешно ќе се заокружи програмата “Лето во Зоолошката градина во Битола”, во чии рамки беа реализирани, работилници, филмски презентации, натпревари, Зоолимписки игри и едукативни тури.Активностите на волонтерскиот систем во Зоо Битола интензивно продолжуваат и со почетокот на учебната година. Фокусот на нивната работа во наредниот период ќе биде ставен на успешно имплементирање на организираните посети од страна на основните училишта и нивно меѓу-институционално поврзување со Зоолошката градина преку организирање и реализација на часови од интегрираната настава на учениците во  основните училишта во регионот и земјата.

Имплементација на техничка документација за комплетна реконструкција на зоолошката градина Градина Битола

Со финансиски средства обебзедени како донација  од Агенцијата за Електронски Комуникации на Република Македонија, започна реконструкцијата на живеалиштето на Нилскиот коњ во Битолската Зоолошка Градина. Градежните активности ќе се одвиваат согласно предвиденото во техничката документација за комплетна реконструкција на Зоолошката Градина.

Живеалиштето ќе биде реконструирано според барањата на Европската Асоцијација на Зоолошки Градини и Аквариуми и со тоа ќе ги исполни најстрогите современи критериуми и стандарди за чување на животни во заробеништво, пропишани од страна на Европската Комисија. По завршувањето на градежните активности, Зоолошката Градина ќе добие нов жител со што ќе ја збогати својата понуда и ќе одговори на потребите на своите посетители.  Дополнително, од Програмата за рамномерен регионален развој на Република Македонија ќе се обезбедат средства за инсталирање на електриката во самото живеалиште.

Започнаа Олимписки игри во ЗОО

Почнувајќи од 23.07.2012 па се до 26.07.2012 година, во Зоолошката Градина во Битола ќе се одржат Олимписки игри, наречени Зооломпијада. Целта на Зоолимпијадата е да се направи обид за промена во однесувањето кај најмладите посетители на Зоо Битола, да се зголеми нивната спортска активност и да се поттикне и промовира натпреварувачкиот дух.
Зоолимписките дисциплини, во кои децата се натпреваруваат се:

–    Кенгурчиња скокалчиња,
–    Трчај како ној,
–    Низ пештерата на мечињата,
–    Око соколово,
–    Победи го леопардот,
–    Трка на змии и
–    Оди како слонче

Натпреварите почнуваат секој ден во 18:30 и завршуваат во 20:30.Влезниците во Зоолошката Градина за време на Зоолимпијадата чинат 30 денари.За Зоолиписките победници, организаторот обезбеди специјални награди.Зооолимпијадата претставува уште еден чекор во насока на имлементација на Едукативната програма за маркетинг и промоција на Зоолошката Градина во Битола која беше изработена од страна на НВО “Биосфера”, на барање на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Реконструиран детскиот парк во ЗОО

Успешно започнат процесот на реконструкција на Битолската Зоолошка Градина и реализацијата на техничката документација за нејзина целосна реконструкција. На 23.07.2012 година, свечено беше пуштен во употреба реновираниот и целосно опремен детски парк, активност која се случи со помош на донација на Здружението на пензионери од Битола. Со ова, во Зоолошката Градина, е воведена нова содржина наменета, пред се, за нејзините најмали посетители.

Детскиот парк се наоѓа во централниот дел на територијата на Зоолошката градина и располага со површина од 530м2., на тревна подлога со природни сенки од постоечкото високо зеленило. Истиот е замислен и изграден како катче со отворени површини за игра, забава и едукација на децата кои доаѓаат во Зоо Битола.Паркот е опремен со атрактивни анимациски средства (играчки) кои нудат различни форми на совладување на препреки и зглоемување на психофизичките способности на најмладата популација. Покрај различните типови на нишалки и вртелешки, изведени се и качувалки со куќарки, мостови, лизгалки, алпинистички вертикали и скалила. Во централниот дел на паркот е поместен и песочен базен, а на неговата северозападна страна е оставен слободен простор за едукативни инсталации.

Согласно техничката документација за комплетна реконструкција на Зоо Битола, во непосредна близина на детскиот забавен парк, предвидени се простории, отворени и затворени тераси и ресторански дел за одмор на возрасните.За време на свеченото отворање, менаџментот на Зоолошката Градина ја информираше јавноста во Пелагонискиот регион дека наскоро ќе започат градежните работи поврзани со реконструкцијата на живелиштето на нилскиот коњ, што претставува уште една активност насочена кон реализација на техничката документација за комплетна реконструкција на Битолската Зоолошка Градина.Членовите на волонтерскиот сервис во Зоо Битола ја искористија свечената церемонија и сите присутни, за да ги информиаат дека од 23.07.2012 (понеделник) започнува настанот наречен ЗООлимпијада, кој во духот на Олимписките игри ќе ги анимира, едуцира и поттикнува децата и нивните родители да ги негуваат и практикуваат спортските навики и здравиот начин на живот.

Промотивна конференција за проектот FIRESHIELD

На 17.07.2012 година во хотел Епинал се одржа промотивната конференција  на проектот“ Развивање на заеднички план за заштита од пожар FIRESHIELD”, со што и официјално започна имплементацијата на овој проект. Носител на проектот е Центарот за развој на Пелагонискиот регион во партнерство со Регионалната развојна агенција на Лерин, Општина Битола и Прилеп како и регионот на Западна Македонија од Република Грција.

На оваа свечена конференција беа присутни Градоначалниците во Пелагонискиот регион, Градоначалникот на Општина Лерин, претставникот на Советот на регионот на Западна Македонија, како и голем број на присутни гости и партнери во прекуграничниот регион Пелагонија/Лерин. Проектот “ Развивање на заеднички план за заштита од пожар FIRESHIELD” е дел од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција во рамките на првиот повик.

Одржан иницијален состанок за мрежата за културен развој во Пелагонискиот регион

На 13.07.2012 година, во Битола се одржа иницијален состанок за формирање на мрежа за културен развој на Пелагонискиот регион. Формирањето на мрежата се наметна како реална потреба која беше детектирана за време на активностите во секторот култура, кои се имплементираа во текот на 2011 и 2012 година, а меѓудругото опфатија: Процес на мапирање на сите културни поенцијали во Пелагонискиот регион, Работилница за стратешко планирање на носителите на јавните културни политики и обука за раководење со проектен циклус.

Во мрежата која е неформално тело и има, пред се, советодавен карактер, учествуаат деветте пелагониски општини  (преку секторите за култура), претставници на невладиниот сектор и независни уметници од Пелагонија.За време на иницијалниот состанок беа дефинирани целите на мрежата, правилата за донесување на одлуки, формирањето на координативното тело на мрежата за културен развој и начините на комуникација помеѓу членовите на самата мрежа.

Исто така, за време на иницијалниот состанок беше разговарано за потребите од јакнење на капацитетите на професионалците од секторот култура, можноста и потребата од воведување на Регионален Совет за култура и Регионални денови на културата во Пелагонискиот регион.Формирањето на мрежата е активност во рамките на децентрализираната соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија – оска Културни политки.Лидери на ова оска се Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата (Македонија) и Регионалниот центар за култура, етнологија и техника – Кресет (Долна Нормандија).    Активностите на оската во Македонија се спроведуваат во партнерство со Центарот за регионален развој на Пелагонискиот плански регион.

Групна посета на ЗОО

Центарот за развој на Пелагонискиот регион во соработка со Американското катче и Лајонс клуб Кабадаја од Битола, на 11.07.2012 година организираа групна посета на Битолската зоолошка градина за 30-тина учесници на младинскиот летен камп на Лајонс Дистрикт 132 Македонија.

Во рамките на посетата на Зоолошката градина, учесниците, кои беа од повеќе Европски земји (Финска, Германија, Естонија, Турција и Македонија), имаа можност да се запознаат со активностите кои се превземаат за реновирање на Зоолошката Градина и да добијат специфични знаења за животните кои се дел од нејзиното матично стадо.
По завршувањето на едукативно-рекреативната тура низ Зоолошката, во конференциската сала на Центарот за развој на Пелагонискиот регион, гостите заедно со нивните домаќини развија дискусија на неколку специфични теми поврзани со биодиверзитетот и мисијата на современите Зоолошки Градини:

1.    Што е поважно за една зоолошка градина? Задоволството на посетителите или добробитот на животните? Зошто?
2.    Кои услуги/активности можат да ги спроведат волонтерите во Зоо Битола дополнително?
3.    Која треба да биде мисијата на модерните Зоолошки Градинин денес?
4.    Кои животни и кои новини треба да ги воведе Зоолошката Градина во Битола?
5.    Што може да биде направено во иднина за да се подобрат условите за живот на животните?
Од страна на учесниците во дебатата, на сите овие теми беа дадени интересни одговори, препораки и мислења, кои целосно кореспондираат со она што во наредниот период ќе се случува во Битолската Зоолошка Градина:
–    Реконструкција на живелиштата и комплементарната инфраструктира во Зоо,
–    Имплементирање на Едукативната програма за маркетинг и промоција на Зоо,
–    Воспоставување и зајакнување на соработката на Зоо Битола со надоврешни институции со слична мисија на нејзината.

Презентација за можностите за инвестирање во Пелагонискиот регион

Центарот за развој на Пелагонискиот регион изврши презентација за можностите во инвестирање во Пелагонискиот регион, на бизнис форумот помеѓу компаниите од регионот Битола и компаниите од регионот Трабзон- Република Турција.

Бизнис форумот беше организиран од страна на Регионалната Комора во Битола, кој се одржа во хотел Епинал. На бизнис форумот беа присутни 15 претставниции на бизнис компании од градот Трапзон во Република Турција.

Одржана првата средба за проектот FIRESHIELD

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион (ЦРППР) на ден 18.06.2012 година го одржаа првиот работен состанок во рамките на проектот:“План за развој на прекугранична заедничка заштита од пожар – ,,FIRESHIELD” .

На првиот работен состанок покрај организациите вклучени во реализација на проектот: Центар за развој на Пелагониски регион, Регионалната развојна агенција на Лерин-АНФЛО, Општина Битола, Општина Прилеп и Регионот Западна Македонија, присутните ги поздрави Градоначалникот на општина Битола г-дин Владимир Талески кој истакна дека ова е еден од позначајните проекти кои Пелагонискиот регион ќе ги реализира во текот на оваа година со оглед на тоа дека во изминатите години општина Битола беше зафатена од голем број на пожари и справувањето со истите беше надминато со над човечки напори. Исто така градоначалникот на општина Битола убеден е дека после имплементирањето на овој проект во голема мера ќе се подобри соработката на противпожарните единици помеѓу општина Битола и Лерин а со една цел поголема заштита од пожари и нивно навремено превенирање.  На овој прв работен состанок присуствуваше и  Градоначалникот на општина Лерин г-дин Јоанис Васкопулос кој истакна исто како и општина Битола и општина Лерин во текот на изминатите неколку години се справуваше со големи пожари во изминатите некоку години и се надева дека после имплементирањето на овој проект во голема мера ќе бидат зајакнати капацитетите како на институционално ниво така и на техничко ниво.Проектот е финансиски поддржан од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција.