Отворени две изложби во Пелагонија

Во Ресен, на 26.10.2012, како дел од Регионалните Денови на Културата 2012 беше отворена Изложба на дела на ликовната колонија Дрен која секоја година традиционално ја организира Центарот за клултура “Марко Цепенков” од Прилеп. Во изложбениот простор на Домот на Култура “Драги Тозија” во Ресен поставени се 20 фотографии создадени за време на уметничката колонија оваагодина.

Присутните гости на отворањето на изложбата имаа ретка можност да уживаат во настапот на хорот “Стив Наумов” од Битола кој специјално за оваа прилика подготви комбинирана програма од домашно и интернационално музичко наследство.Во рамките на истата манифестација на 27.10.2012 година во Прилеп беше отворена Изложба на Градски костими од Битола во XIX и XX век. На изложбата претставени беа 10 оригинални костими а како надополнување на истата пред прилепчани претставени беа 15-тина фотографии со машка, женска и детска облека од Битола во истиот период.На отворањето на иложбата му претходеше настап на КУД Илинден од Битола кои за присутните го изиграа уникатното и надалеку познато Битолско Градско оро.Настаните се финансиски поддржани од страна на Министерство за култура на РМ.

Прес конференција за Првите Регионални Денови на културата

На 25.10.2012 година во просториите на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион беше одржана прес конференција преку која беше информирана пошироката јавност во регионот за почетокот на Првите Регионални Денови на културата 2012 година.

На прес конференцијата, Раководителот на ЦРППР г-ѓа Емилиа Ѓероска и Директорот на ЦК Битола г-дин Борче Димитровски беше претставена целосната Програма на Првите Регионални Денови на културата, потребата од имплементација на ваков вид на активности и значењето на веќе воспоставената соработка помеѓу националните и локалните институции од областа на културата и независниот сектор.

Започнаа првите Денови на Културата во Пелагонија

Со настапот на Културно Уметничкото Друштво “Далмација” од местото Дуги Рат, Далмација, Република Хрватска и Културно Уметничкото Друштво “Димче Могилче” од општина Могила започнаа првите Денови на Културата во Пелагонија.

Настанот го отворија г-ѓа Емилиа Ѓероска, Раководител на ЦРППР, г-дин Славко Велески – Градоначалник на општина Могила и г-дин Јерко Рогиќ, Градоначалник на Дуги Рат.

Меморандум за соработка помеѓу ЦРППР и АПРЗ

Во рамките на проектот „Воведување и спроведување на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот во Пелагонискиот плански регион“,  на 19.10.2012 година во просториите на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион  во Битола се одржa свечено потпишување на меморандум за соработка помеѓу  раководителот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион г-ѓа Емилиа Ѓеровска и директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, г-дин Јордан Кузмановски. На оваа свеченост присуствуваше и г-дин Карл Ларкинс, од карана Корпорација.

Потпишувањето на меморандумот е во насока на  подобрување на соработката помеѓу двете институции за поефикасно спроведување на проектoт.Двете институции  се согласија да соработуваат со цел унапредување на состојбите во земјоделскиот сектор, приближување на земјоделските практики до нивото на меѓународните норми како и во други области кои се директно или индиректно поврзани со прашањата на развојот на земјоделскиот сектор во Пелагонискиот регион. Соработката конкретно ќе се одвива преку логистичка поддршка, постојана размена на податоци и информации со цел јакнење на капацитетите, воспоставување  и овозможување на посредна и непосредна комуникација со претставниците на земјоделскиот сектор.

Вториот работен состанок за развој на План за прекугранична заштита од пожар

Во рамките на Проектот “ Развивање на заеднички план за заштита од пожар-FIRESHIELD”, на 08.10.2012, во просториите на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион се одржа и Вториот работен состанок за развој на План за прекугранична заштита од пожар.

Темата на овој работен состанок беше презентација на институциите кои учествуваат во Системот за управување со кризи и нивните законски компетенции за заштита од пожар на отворен простор во Пелагонискиот регион. На овој состанок беа присутни претставниците на општините Битола и Прилеп, претставници на територијалната противпожарна единица од Прилеп , претставници на Дирекцијата за заштита и спасување од Битола и Прилеп, претставници на Регионалниот Центар за управување со кризи од Битола и Прилеп, претставниците на ЈП Македонски шуми од Битола и Прилеп, претставник на Национален Парк Пелистер, како и претставници на Државниот инспекторат за земјоделство и шумарство.

Успешно организирани посета на експертска делегација од регионот Долна Нормандија во Пелагонија

Во рамките на децентрализираната соработка помеѓу Република Македонија и регионот Долна Нормандија од Франција и проектот Регионални Денови на културата во Пелагонија – финансиски поддржан од Министерство за култура на Република Македонија, во периодот од 04.10.2012 (четврток) до 05.10.2012 (петок), успешно се реализира посета на делегација на експерти од областа на културата и културните политики од регионот Долна Нормандија во регионот Пелагонија.

За време на посетата гостите од Франција остварија повеќе билатерални средби со носителите на културните политики во Пелагонискиот регион и со креаторите на автентичниот културен Пелагониски производ.

Конкретно, француската делегација се сретна со:
г-дин Славко Велевски – Градоначалник на општина Могила,
Оливер Ристевски – Организатор на манифестација “Петровденски Денови”  – с. Долно Српци,
Дејан Петровски –  организатор на “Пејачи аматери” с.Долно Српци,
Јосиф Блажевски – Водач на женска вокална група “Водичарки” – с. Беранци,
г-ѓа Лилјана Христова, Директорка на Завод и Музеј – Битола
г-ѓа Емилиа Ѓероска, Раководител на Центар за развој на Пелагониски плански регион,
г-дин Борче Димитровски, Директор на Центар култура Битола,
Претставници на Младински Културен Центар – Битола.

Се очекува дека по успешното иницијално институционално запознавање на претставниците од двата региони, соработката во културата ќе се интензивира  а со тоа развојот на овој сектор ќе добие позабрзана динамика.

Учество на годишната конференција на EAZA

На покана на Европската Асоцијација на Зоолошки Градини и Аквариуми (ЕАЗА), претставник на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион (сопственик на техничката документација за реконструкција на Зоо Битола) заедно со Директорот на Зоолошката Градина во Битола учествуваа на Годишната конференција на ЕАЗА. Поканата за учество на конференцијата следуваше по доделениот статус “кандидат за членство во ЕАЗА (во фаза на реконструкција)” на Битолската Зоолошка Градина.

Целта на учеството на конференцијата беше Зоо Битола да се запознае и претстави пред современата европска Зоо заедница и непосредно да ги следи презентациите на останатите кандидати за членство во ЕАЗА. Презентациите детално го прикажуваа напредокот што овие Зоолошки Градини го имаат постигнато во текот на изминатите 12 месеци, нешто што во 2013 година ќе претставува правна обврска на Зоо Битола.

Следните кандидати за членство имаа свои презентации:
–    Зоолошка Градина Калининград – Русија
–    Зоолошка Градина Краков – Украина
–    Зоолошка Градина Осијек – Хрватска
–    Зоолошка Градина Сараево – Босна и Херцеговина
–    Зоолошка Градина Софија – Бугарија
–    Зоолошка Градина Брасов – Романија
–    Зоолошка Градина Ереван – Ерменија
–    Зоолошка Градина Тиргу Муреш – Романија

Во рамките на учеството на конференцијата беа остварени и билатерални средби со раководствата на :
–    Управните тела на ЕАЗА
–    Зоо Софија
–    Зоо Сараево
–    Зоо Калининград
–    Зоо Осијек
–    Зоо Загреб
–    Мајро Хоедемакер – Менторот кој ЕАЗА го назначи да го води процесот на реконструкција и одговорен за достигнувањето на Европските стандарди и критериуми за чување на животни во заробеништво во Зоо Битола.

На конференцијата учество зедоа повеќе од 200 делегати и соработници од Зоолошки Градини и Аквапаркови ширум Европа.

Работен состанок, во рамките на Проектот “ FIRESHIELD”

На 1-ви Октомври,во Лерин-Република Грција, во просториите на Развојната Агенција на Лерин- АНФЛО, беше одржан 2 Работен состанок, во рамките на Проектот “ FIRESHIELD”. На овој работен состанок беа присутни претставниците на Проекниот тим од   5-те партнерски организации:

Центар за развој на Пелагонискиот плански регион, Развојна Агенција на Лерин-АНФЛО, Општина Битола, Општина Прилеп и Регионот на Западна Македонија. На овој состанок се дискутираше за активносите кои се имплементирани , како и за активностите кои ќе се имплементираат во текот на наредниот период.

Панел дискусија на тема: Економското влијание на заштитата на архитектонското наследство

На 19.09.2012 година, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион учествуваше на трибина на тема ”Економскиот ефект од заштитата на градителското наследство” ко-организирана помеѓу БАС Институтот за менаџмент од Битола, Асоцијацијата на Архитекти на Македонија и НУ Завод и Музеј Битола.

Пред присутните на трибината се обратија г-ѓа Лидија Стефановска професорка на БАС Институтот за менаџмент, г-ѓа Анастасија Трајковска претставник на Асоцијација на Архитекти на Македонија, г-ѓа Лилјана Христова Директорка на НУ Завод и Музеј Битола, г-ѓа Емилиа Ѓероска Раководител на ЦРППР и Рубин Николоски (ЦРППР).Темите на кои се говореше на трибината беа поврзани со градителското наследство како недоволно искористен потенцијал во економскиот развој на една територија (општина, регион, држава) и врските кои треба да се воспостават помеѓу релевантните чинители за успешно функционирање на процесот на негова заштита притоа продуцирајќи економски бенефити. Презентацијата на ЦРППР беше насловена “Градителското наследство како можност за забрзан развој на Пелагонискиот регион” и во неа беа опфатени потенцијалите на Пелагонискиот регион во делот на културното богатство, можноста за негова промоција и дел од достапните инструменти за финансирање на развојни интервенции во оваа област.

“Браќа Манаки”

Рекордни 95 филма ќе бидат прикажани на 31. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што ќе се одржува од 16-ти до 22 октомври во Битола, најави директорката на фестивалот Лабина Митевска денеска на прес-конференција.

Во главната, натпреварувачка програма се 12 филмови кои се во трка за наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300: израелско-француско-германската копродукција „Либан“ (со гости од филмската екипа на фестивалот), израелско-германскиот „Аџами“, турскиот „Мед“, францускиот „Влез во празно“, копродукциите „Жени без мажи“, „Г-дин Никој“ (најавен како спектакл снимен со голем буџет во многу земји), „Како го завршив ова лето“ (филм од најновата руска продукција), јужнокорејската комедија „Ха, ха, ха“, холандскиот „Ништо лично“, данскиот „Се ќе биде добро“ и британските „Четири лава“ и „Уште една година“ на Мајк Ли – филм што според селекторот Благоја Куновски имал најголем потенцијал за Златната палма во Кан.
Селекторот на официјалната програма Куновски рече дека се работи за различни и препознатливи стилови. – Различни по израз, од т.н. камерни драми со неколку автори до спектакуларни филмови… главниот извор беше филмови од трите водечки филмски фестивали во Берлин, Венеција и Кан, и други филмови кои по својот израз се наметнаа сами по себе како неизбежни, изјави Куновски.

Во програмата „Нови визии“, во селекција на Сунчица Уневска, ќе бидат прикажани шест филма кои третираат реални приказни. Тука се холандскиот „Дали си таму“, за актуелната пасија со видеоигри, словенечкиот „09:06“ – за самоубиствата во Словенија, германскиот „Пико“ за негрижата кон младите затвореници, финскиот „Испитување“, иранскиот „Орион“ и унгарскиот „Пал Адриен“, за кој селекторката Уневска рече дека е бисер на оваа програма поради исклучителната и оригинална приказна.
Во документарната програма, по избор на Евгенија Теодосиевска, ќе бидат прикажани девет кои се избрани од 67-те пријавени на фестивалот. Меѓу нив се „Видеокрација“, најавен како контроверзен, „Граѓанинот Хавел“ за поранешниот чешки претседател, филм портрет за култниот режисер Милош Форман, уругвајски филм за патување низ Јужна Америка, како и два македонски филма – „Духот на татко ми“ посветен на Ристо Шишков и „Биолошки минимум“ во режија на Иван Митевски.
Премиерно ќе бидат прикажани и три македонски филмови – „Мајки“ на Милчо Манчевски на свеченото отворање на фестивалот на 16 октомври, како и „Некои поинакви приказни“ – филмски парчиња од пет балкански режисерки, меѓу кои е и Марија Џиџева од Македонија, и филмот „Војната заврши“ на Митко Панов.
Во чест на лауреатот на Златна камера 300 за животно дело на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“ – директорот на фотографија Вилмош Жигмонд, на 22 октомври, за  затворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Ќе сретнеш висок мрачен странец“ во кој тој е кинематографер, а режисер е Вуди Ален.
Добитник на Специјалната награда Златна камера 300 е британскиот директор на фотографија Роџер Прат, кој ќе биде гостин во Битола. Во неговиот досегашен опус се 35 снимени филмови, меѓу кои „Чоколадо“, два филма од серијалот за Хари Потер, историскиот спектакл „Троја“. Негов најнов проект е римејкот на класичниот филм од 1980-тите – „Карате кид“ во режија на Харалд Зварт
Организаторите дополнително ќе го соопштат составот на жирито што ќе одлучи за добитниците на трите фестивалски награди. Се очекуваат околу 400 гости од кои стотина се странски. Ќе има и 12 кратки филма, од кои најдобриот директор на фотографија ќе добие Мала златна камера 300. Ќе бидат организирани и работилници, со учество на  новинари и филмски критичари од познати светски списанија, како „Варајети“ и „Скрин интернешнл“, проекција на филмови за деца – во соработка со спонзорот на фестивалот – ВИП оператор. Во соработка со Кинотека на Македонија, пак, првпат ќе бидат прикажани целосно седум филмови на браќата Манаки, како и омаж за карикатуристот Делчо Михајлов и неговите анимирани филмови. Во фокусот на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“ се  три национални кинематографии – израелската, бугарската и финската.
– Да се донесат вакви луѓе и ваква програма, тоа е голем труд. На вистински пат сме и ако фестивалот оди вака, сигурно е дека еден ден ќе ги заслужува првите страници, рече Горјан Тозија, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Проекциите на филмовите ќе бидат во големата и малата киносала во Центарот за култура во Битола, а за подобар квалитет на сликата и звукот, ќе биде донесена техника од Сараевскиот филмски фестивал. Буџетот на фестивалот е околу 200.000 евра, од кои 4 милиони денари се од Министерството за култура.