Потпишан договор за реализација на нови проекти за регионален развој во 2015 година

На 04.05.2015 Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Бирото за регионален развој на РМ потпишаa договор за имплементација на два нови проекти во Пелагонискиот регион во вкупна вредност од 8.490.471 МКД. Проектите ќе бидат финансирани во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој на РМ во 2015 година а ќе бидат имплементирани од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Првиот проект кој ќе се реализира е проектот “Зголемена енергетска ефикасност на објект СОУ Крсте Петков Мисирков во Демир Хисар преку промена на постојна надворешна столарија”. Зголемувањето на енергетската ефикасност на СОУ Крсте Петков Мисирков во Демир Хисар ќе значи подобрување на условите за учење и изведување на настава на жители на најмалку 3 пелагониски општини. Зголемувањето на енергетската ефикасност на овој образовен објект ќе ги намали емисиите на штетни материи во воздухот од што бенефит ќе има целиот Пелагониски регион.

Вториот проект е “Регулирање на коритото на Црна Река и нејзините притоки по течението на општините Демир Хисар, Битола, Новаци и Могила”. Со проектните активности ќе биде регулирано коритото на Река Црна и нејзините притоки на неколку критични точки во руралните средини на Пелагонија. Со регулацијата на речното корито на Црна Река се придонесува кон заштита на животната срединa во целиот регион но и кон намалување на можностите за појава на идни поплави и излевања на оваа река на територијата на Пелагонија. Црна река е регионален воден ресурс кој извира на територијата на општина Демир Хисар, продолжува со течение во општините Битола, Кривогаштани, Прилеп, Могила и Новаци за преку општините во Вардарскиот регион (Градско, Кавадарци и Росоман) се влее во Вардар односно Егејско море.

Двата проекти ќе придонесат кон реализација на стратешките цели предвидени во Стратегијата за рамномерен регионален развој на РМ односно во Програмата за развој на Пелагонискиот регион.

Работен состанок во Битола во рамките на проектот: Одржлив туризам за поддршка на регионалниот развој во структурно слаби региони

На 28.04.2015 година во Битола се одржа работен состанок во рамките на проектот: Одржлив туризам за поддршка на регионалниот развој во структурно слаби региони во имплементацја на ГИЗ РЕД Македонија со регионално партнерство на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Целта на состанокот беше формирање на нефомална работна група чиј заеднички интерес ќе биде развојот на активниот туризам во Пелагонија и развој на еден готов туристички производ кој ќе може да се вклучи во регионалниот бренд Врвовите на Балканот. На состанокот присутни беа релевантни чинители од јавниот, невладиниот и бизнис секторот од Пелагонискиот регион.

Општа цел на овој проект  е зајакнување на  структурно слабите погранични региони во западниот дел на Македонија, земајќи го предвид одржувањето на биодиверзитетот, принципите на одржлив туризам и културните особености, додека конкретната цел на проектот Одржлив туризам за поддршка на регионалниот развој во структурно слаби региони е креирање на погранична планинарска патека по примерот на веќе постојни Европски планинарски патеки.

Таргет региони на овој проект се Полошкиот, Југозападниот регион и Пелагонискиот плански регион. Активности кои ќе се реализираат со проектот се:

Креирање на погранична мрежа за развој на одржлив туризам;

Креирање на погранична планинарска патека која ќе биде опфатена во промотивен материјал (карта);

Подобрување на стандардите на туристичките услуги и туристичката инфрастуктура поврзана со планински туризам;

Промоција/маркетинг на новиот производ.

Свечено отворање на канцелариите на Локалните Акциони Групи во Пелагонискиот регион

На 26-ти март 2015 година, во општините Ресен, Новаци  и Кривогаштани, свечено беа отворени канцелариите на Локалните Акциони Групи Преспа, Пелагонија и Агро Лидер, каде официјално беше извршено и примопредавање на компјутерската опрема која ќе се користи за спроведување на активностите на Лаг-овите.

На свеченото отворање на канцелариите беа присутни донаторите на ПеЛАГонија ЛЕАДЕР проектот со високи претставници од нивните Амбасади, заменик Директор на мисија на Швајцарската развојна Агенција г-ѓа Катарина Штокер и Директорот на мисија на УСАИД г-дин Џејмс Стајн, имплементаторите на проектот Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, како и Градоначалниците на Општините во Пелагонискиот регион, претставници од УСАИД Проектот за експанзија на мали бизниси и членовите на Лаг-овите.Пред ЛАГ-овите, како структури изградени од јавен, приватен и граѓански сектор, претстои процес на имплементација на проекти за подобрување на условите за живот во руралните средини, користејќи финансиски средства од ИПАРД програмата мерка 202, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој на РМ мерка 413 за Реализација на стратегии за локален развој на руралните средини, како и од други донатори и програми.Трите Локални Акциони групи делуваат на територијата на Пелагонискиот регион: Лаг Преспа ја опфаќа територијата на Општина Ресен, Лаг Пелагонија ја опфаќа територијата на општините: Битола, Новаци, Могила и Демир Хисар и Лаг Агро Лидер ја опфаќа територијата на општините: Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево.

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Стопанска комора на Македонија

На 23.03.2015 година во Битола, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион претставуван од Раководителот г-ѓа Емилиа Ѓероска и Стопанска комора на Република Македонија претставувана од г-дин Мирко Велковски Председател на Регионалната стопанска комора во Битола и г-дин Симон Наумоски, Председател на регионалната стопанска комора во Прилеп потпишаа Меморандум за соработка.

Во согласност со статутот, визијата и мисијата на Стопанската комора на Македонија, односно Регионалните комори со седишта во Битола и Прилеп, Програмата за развој на Пелагонискиот плански регион и задачите и активностите на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а со цел придонес кон реализација на заедничките стратешки цели, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Стопанската комора на Македонија, ќе отпочнат заедничка соработка. Заедничката соработка ќе биде во насока на градење на регионално партнерство, мобилизација на потенцијалните ресурси и имплементација на заеднички активности и проекти за решавање на постоечките и идните предизвици во регионот. Фокусот на соработката ќе биде ставен пред се на унапредување на економскиот развој на Пелагонискиот регион преку координација на активностите на страните потписнички на Меморандумот, усогласување на развојните стратешки приоритети и изнаоѓање на заеднички решенија за постоечките предизвици.

Одржана 9-та Седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион

На 26.02.2015 година во просториите на општина Битола се одржа 9-тата седница на Советот за развој на Пелагониски плански регион.На оваа Седница, членовите на Советот ги усвоија Годишниот Извештај за работењето на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Годишниот Извештај за реализација на Прогамата за развој на Пелагонискиот регион 2010 – 2015,  како и Годишната завршна сметка.

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион Добитник на награда за особен придонес во развојот на Пелагонискиот регион

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион е Добитник на Наградата за особен придонес во развојот на Пелагонискиот регион.Оваа награда е доделена во рамките на Манифестацијата ’’Најпопуларни за 2014 година’’ во организација на Регионалната медиумска куќа телевизија Орбис од Битола.

Во рамките на оваа манифестација, во 36 категориии беа оддадени признанија на најуспешните чинители во развојот на економијата, општеството, животната средина, образованието, регионалниот и локалниот развој.Наградените беа избрани по пат на јавно гласање на жителите на Пелагонискиот регион.

Програмата за регионален економски развој РЕД ГИЗ, Канцеларија Скопје, објавува повик за пројавување интерес за обезбедување консултантски услуги

Програмата за регионален економски развој РЕД ГИЗ, Канцеларија Скопје, објавува повик за пројавување интерес за обезбедување консултантски услуги.

 

На следниот линк можете да го превземете објавениот оглас – Превземи

Одлука за спроведување на стратегиска оценка

Врз основа на член 65 став (6) од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10 и 51/11), Центар за развој на Пелагонискиот плански регион, на ден 22.12.2014 година, донесе:

– Одлука за стратегиска оценка

– Цели Пелагониски

– Мапа Пелагониски

– СЕА Форма Пелагониски

Големо отворање на реконструираните живеалишта во Зоолошката градина Битола во рамките на проектот “ЗОО Иноватива”

Во саботата на 06.12.2014 во Зоолошката градина Битола се случи големо отворање на  реконструираните живеалишта во ЗОО Битола На овој настан промовирани беа реконструираните живеалишта за животните: мечка, рис, лав, тигар, лисица, ракун, мајмуни, фарма за домашни животни, како и 2-та комплементари објекти- влезот и билетарата во Зоолошката градина Битола.

Реконструкцијата на живеалиштата во Зоолошката градина Битола се одвиваше во рамките на проектот “ Иновативни едукативни програми за зајакнување на природните ресурси во прекуграничниот регион Пелагонија/ Лерин – ЗОО Иноватива”, чиј носител беше Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион а финансиски беше поддржан од страна на делегацијата на Европска Унија и Министерството за локална самоуправа, во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција.Во официјалниот дел на Промотивниот настан поздравни обраќања имаа: г-дин Робин Лидл (Министер Советник – Делегација на Европската Унија), Заменикот Министер за локална самоуправа, г-дин Љупчо Пренџов, д-р Владимир Талески, градоначалник на општина Битола, и директорката на Центарот за развој на Пелагонискиот регион, г-ѓа Емилиа Ѓероска.Во забавниот дел од Промотивниот настан учествуваа музичките звезди Ламбе Алабаковски со детскиот хор Звончиња, Паркети, Бојан Стојоков, детските звезди од музичкиот фестивал Тра- ла- ла , детската транцова група Степ Ап. Промотивниот настан беше збогатен со анимациски содржини наменети за најмладата попоулација, а доделени беа и голем број на награди и промотивни материјали за сите посетители на настанот.Центарот за развој на Пелагонискиот регион го реализира овој проект во партнерство со општина Битола, Зоолошката Градина во Битола, општината Лерин и Регионалната развојна Агенција од Лерин, Република Грција.

 

Центрите за развој на планските региони на Промотивна конференција во организација на ГИЗ РЕД

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион на 02.12.2014 во Александар Палас во Скопје учевствуваше на промотивната конференција во организација на ГИЗ РЕД. Целта на овој настан беше да се презентираат достигнувањата на ГИЗ РЕД програмата и идните активности на оваа програма во унапредувањето на Регионалниот развој во Р. Македонија, како и промоција на ПБГ Инструментот на ГИЗ РЕД.

Истовремемено на настанот беше организиран и промотивен експо дел во кој Центрите за развој на планските региони имаа можност да ги претстават своите проекти, активности и достигнувања како и идни планови и проекти со нивни можни извори на финансирање.На промотивната конференција свое обраќање имаше Министерот за локална самоуправа г-дин Лирим Шабани кој во  своето обраќање пред присутните се задржа особено на активностите на Министерството за локална самоуправа а кои се однесуваат за рамномерниот регионален развој, на проектите реализирани во изминатиот период и на одржливоста на Центрите за развој на планските региони.На присутните исто така им се обратија Заменик претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Владимир Пешевски, Германската Амбасадорка г-ѓа Алтаузер, претставничка на Швајцарската Амбасада г-ѓа Штокер и директорот на ГИЗ г-дин Форбс.Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион представуван од г-ѓа Емилиа Ѓероска, пред Министерот за локална самоуправа г-динот Шабани и присутните ги презентираше проектите од ПБГ  грантовата шема за 2014 година.