Нови искуства за развој на авантуристичкиот туризам во Пелагонија

Членови на Советот за развој на Пелагонискиот регион (СРППР) и претставници на Центарот за развој на Пелагонискиот регион предводени од Претседателот на СРППР М-р Ѓоко Стрезовски, реализираа Студиско патување во Италија.

Целта на патувањето беше да се добијат нови знаења за забрзување на развојот на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам.

За време на патувањето посетен беше регионот Венето во Северна Италија кој има слични карактеристики и потенцијали за авантуристички туризам како регионот Пелагонија: приближен број на жители, еден главен урбан центар (Венеција), рурални средини со изразена локална традиција, земјоделско производство и животна средина со највисок степен на национална и светска заштита.

Во рамките на Студиското патување претставниците на Пелагонискиот регион ги посетија градовите Сан Дона Ди Пиаве, Кавалино, Венеција, Лидо Ди Јесоло, Каорле и Кортина Д`Ампецо. За време на престојот, Градоначалниците од Пелагонија беа сместени во туристички развиена рурална средина каде покрај локалната традиција и животната средина, земјоделското приозводство е целосно ставено во функција на туристичкиот производ. За време на патувањето Градоначалниците  се запознаа со потребата и формата на интензивна соработка помеѓу руралните средини и градските центри во развојот на туристичкиот производ.

Градоначалниците од Пелагонискиот регион остварија официјални средби со Градоначалничката на општина Кавалино г-ѓа Роберта Несто и Заменик-Градоначалничката задолжена за развој на туризмот во Венеција, г-ѓа Паола Мар. На средбите се разговараше за поддршката која градските власти ја даваат на локалното население што се занимава со туризам односно за начините на соработка со бизнис заедницата која директно или индиректно учествува во градењето на туристичкиот производ. По завршувањето на истото, групата која го реализираше Студиското патување заклучи дека акцентот на развојот на туризмот во Пелагонија треба да се стави на поддршка на развојот на современа патна инфраструктура, стимулирање на претпримништвото кај локалното население пред се во руралните заедници, вклучување на локалните традиции, занаети и земјоделски производи во туристичката понуда, изградба на планински велосипедски и пешачки патеки и овозможување на услови за практикување на кампинг-туризам. Дел од алатките за реализација на овие заклучоци кои веќе се користат во регионот Венето, можат да бидат применети и во Пелагонија.

Студиското патување беше дел од активностите на проектот “Студија за развој на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам” финансиски поддржан од Програмата за регионален развој на Германско друштво за интернационална соработка и Делегација на Европска Унија во РМ.

ЦРППР започна со активности за регулација на водотек во с.Долно Агларци, Општина Новаци

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион денес ги отпочна активностите за регулација на Водотекот во село Долно Агларци, Општина Новаци. Во минатото овој канал ја извршувал функцијата на пороен канал кој го регулирал водите од сливното подрачје со нивно спроведување до Добрушевскиот канал.

Бидејќи во подножјето на сливот во меѓувреме се изгради ободен канал кој превзема најголем дел од поројните води, функцијата на овој канал остана да биде за евакуирање на локални атмосферски води од атарот на с.Долно Агларци.Во рамките на оваа фаза предвидено е чистење на каналот, формирање на нов профил како и негово бетонирање во должина од 270 метри. Проектот освен за заштитата на животната средина ќе придонесе и за забрзан економски развој бидејќи со неговите активноти ќе се минимизира ризикот од излевање на водата на реката и поплавување на плодно земјоделско земјиште.

Овој проект е само еден од двата во кој Центарот за развој на Пелагониски плански регион ќе интервенира оваа градежна сезона, другиот проект е во општина Могила за регулација на речното корито на река Шемница.

Средствата за реализирање на овој проект се обезбедни од програмата за рамномерен регионален развој за 2015 година од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

Дефиниран визуелниот идентитет на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам

Во рамките на проектот “Студија за развој на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам” Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион одржа работилница чија цел беше да се дефинира визуелниот идентитет на Пелагонискиот регион како дестинација за авантуристички туризам.

На работилницата во присуство на релевантни чинители од јавниот, приватниот и невладиниот сектор од Пелагониските општини беше претставена целта на дефинирањето на визуелниот идентитет на една дестинација и беше утврден визуелниот идентитет на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам.  За првпат 9те општини од Пелагонија, преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ќе изработат заедничка туристичка авантуристичка понуда и истата заеднички и унифицирано ќе ја промовираат. Пелагонија располага со огромен потенција за развој на авантуристички туризам и со овој проект ќе се придонеси кон негово искористување за унапредување на економскиот развој.

Проектот се реализира  во рамките на Програмата за регионален економски развој на ГИЗ РЕД со поддршка на Делегацијата на ЕУ во РМ.

Промена на надворешна столарија на СОУ Крсте Петков Мисирков во Демир Хисар

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион денес ја отпочна реализацијата на проектот: Зголемена енергетска ефикасност на објект СОУ Крсте Петков Мисирков, Демир Хисар преку промена на постојна надворешна столарија. Основниот проблем со кој се соочуваше ова средно општинско училиште е дотраената и нефункционална надворешна столарија.

Со  дотраената надворешна столарија, исто така како голем проблем се јавуваа и големите трошоци за греење кои ги прави ова средно училиште.Со промената на надворешната столарија, освен обезбедувањето на топлинска изолација и сигурност, ќе се надмине и проблемот во однос на звучната заштита, навлегување на дождовна вода, отпорност при временски промени и температурни разлики.Топлотно изолационите способности се од огромно значење за енергетската ефикасност на објектите, поради проблемот со топлинските мостови низ кои има поголем проток на топлинска енергија. Со направените заштеди во поглед на потрошувачката на топлинска енергија, понатаму ќе може да се инвестира во други градежни зафати со кои ќе се подобрат условите за учење на идните генерации. Зголемената енергетска ефикасност ќе значи помала емисија на штетни материи во воздухот и заштита на животната средина.  Во оваа прва фаза ќе бидат променети вкупно 105 прозорци и врати од ПВЦ и алуминиумски профил. Ново поставената столарија е пет коморна со термопан стакло 4+16+4 исполнето со аргон 90%  или познато како стакло за 4 сезони. Вкупна вредност на овој проект е 1.607.192,00 денари. Средствата за реализирање на овој проект се обезбедни од програмата за рамномерен регионален развој за 2015 година од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

Проширени функциите на Центрот за развој на Пелагонискиот плански регион во насока на спроведување на активности/услуги за поддршка на приватниот сектор

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион потпиша Договор со Министерството за локална самоупава на РМ за реализација на нов проект „Проширување на функциите на Центрите за развој на планските региони во насока на спроведување на активности/услуги за поддршка на приватниот сектор“.

Главна цел на проектот е зголемување на конкуретноста на Пелагонискиот регион преку поддршка на претприемништвото односно малите и средните претпријатија.Во рамките на овој проект  ќе биде изработен и ставен во функција интерактивен веб портал за инвестирање во регионот, ќе биде изработен и публикуван Водич за инвестиции во Пелагонискиот плански регион, ќе биде надградена и ажурирана регионалната база на податоци за институции и фирми кои нудат услуги за развој на приватниот сектор а за непосредно информирање на секторот на МСП организирани ќе бидат информативни средби и промотивни настани низ целиот Пелагониски регион.Проектот е подготвен во согласност со  Програмата за развој на Пелагонискиот плански регион 2015-2019 во која беше утврдена потребата од активности за поттикнување и отворање на нови бизниси, поддршка на постоечките бизниси, подобрување на капацитетите на човечките ресурси и нивно усогласување со потребите на пазарот на трудот.Проектот е поддржан во рамките на Програмата за институционална поддршка на потенцијалните инвеститори во планските региони во Република Македонија на Министерството за локална самоуправа на РМ.

Вмрежување на ЛАГ-овите од Пелагонискиот регион со ЛАГ-ови од Република Чешка

На 3-ти јули 2015 година на покана на организаторите на ЛЕАДЕР фест настанот кој се одржа во Делчево, присуствуваа претставници од трите  Локални Акциони Групи: ЛАГ ПеЛАГонија, ЛАГ Агро Лидер, ЛАГ Преспа и претставници од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

На овој настан  како специјални гости беа поканети претставници од 6 ЛАГ-ови од Република Чешка со цел да воспостават контакт со ЛАГ-овите во Република Македонија со план  сите ЛАГ-ови и ЛАГ иницијативи од Македонија да се вмрежат со ЛАГ од Чешка и заеднички да спроведуваат проекти.

На настанот претставниците од ЛАГ-овите од Пелагонија ги претставија своите организации и регионот со промотивни материјали изработени во рамките на ПеЛАГонија ЛЕАДЕР проектот кој се спроведува од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.  Во рамките на ЛЕАДЕР фест се одржаа и неколку работилници за анализа на ситуацијата за спроведување на ЛЕАДЕР пристапот во Македонија и размена на искуства со претставниците од ЛАГ-овите од Чешка.

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион на втората Европска конференција за територијална соработка

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион присуствуваше на втората Европска конференција за територијална соработка, со која се најави почетокот на програмскиот период 2014-2020 година. Темата на конференцијата беше “ Предизвикот на синергиите” на програмите за прекугранична соработка.

Конференцијата се одржа на 22 и 23 јуни во Солун, Р. Грција и нејзината цел беше презентација на прекуграничната програма Грција – Р. Македонија односно презентација на прекуграничните програми за територијална соработка помеѓу Грција –Албанија, Грција – Италија, Грција – Кипар и новата програма Балкан-Медитеран.Претсавниците на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, освен на презентацијата на Програмата за прекугранична соработка Грција – Македонија, присуствуваа и на презентацијата на Програмата Балкан –Медитеран.Во рамките на оваа конференција одржан беше и саем на проекти, на кој беа претставени развојните проекти имплементирани во рамките на Програмите за прекугранична соработка во периодот од 2007-2013 година.Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион успешно имплементираше два прекугранични проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка Р. Грција – Р. Македонија 2007-2013,  и тоа “Иновативни едукативни програми за зајакнување на природните ресурси во прекуграничниот регион Пелагонија/ Лерин – ЗОО Иноватива” и План за развој на прекугранична заедничка заштита од пожар-FIRESHIELD” со вкупна вредност од 967.272 евра.

Одржана 10-тата седница на СРППР

На 26.05.2015 година во просториите на општина Битола се одржа 10-тата седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион.Согласно дневниот ред членовите на Советот за развој разговараа за проектите кои веќе се одобрени а ќе се реализираат со поддршка на Бирото за регионален развој, проектите кои ќе се аплицираат на веќе објавениот јавен Повик од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година.

Истотака на оваа седница една од точките на дневен ред беше избор на Претседател на Советот за развој на Пелагониски плански регион. За новпретседател на Советот за развој на Пелагониски плански регион беше избран ЃокоСтрезовски, градоначалник на општина Ресен со мандат од 2 години. Претседателот на Советот за развој на Пелагониски плански регион беше избран едногласно од страна на сите градоначалници на Пелагонискиот регион.

Воспоставена Интегрирана мрежа за регионален развој во Пелагонискиот регион

На 07.05.2015 година во Битола, во организација на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион беше одржан Првиот работен состанок на Интегрираната мрежа за регионален развој во Пелагонискиот регион.

Интегрираната мрежа за регионален развој во Пелагонискиот регион претставува облик на меѓуопштинска соработка која ќе обезбедува поддршка на општините, бизнис заедницата, невладиниот сектор, јавниот сектор и сите останати засегнати страни од Пелагонискиот регион во областа на регионалниот развој а со акцент на економскиот развој.
Членки на Интегрираната мрежа за регионален развој се 9-те општини од Пелагонискиот регион, Регионалните Стопански Комори од Битола и Прилеп, Занаетчиските комори од Битола и Прилеп, Локалните Акциони Групи на општините Могила, Ресен и Кривогаштани, Универизтетот Св. Климент и Охридски, Фондацијата ПЕЛАГОНИЈА-ПРЕДА, Федерацијата на Фармери-подружница Прилеп и Здружението за одржлив урбан развој Архитектура и Амбиент.
На работниот состанок, во присуство на претставници на УНДП, Министерството за локална самоуправа и членките на мрежата, за Претседател на на Интегрираната мрежа за регионален развој беше избрана г-ѓата Емилиа Ѓероска, Раководител на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион. Исто така, на работниот состанок беше усвоен и  Деловникот за работа на ИМРР, како и беше презентирана Методологијата за изработка на Програмата за работа на Интегрираната мрежа за регионален развој за 2015-2017 година.
Проектот “Интегрирана мрежа за регионален развој во Пелагонискиот регион” Центарот за развој на Пелагонискиот регион го реализира во соработка со 9-те општини во Пелагонискиот регион, а финансиски и технички е поддржан од страна на Министерството за локална самоуправа  и Програмата за развој на обединетите нации (УНДП).