Инфраструктурата во Пелагонискиот регион има огромно значење за регионот, бидејќи истовремено претставува и можност за дополнителен економски развој.

Регионот има добра географска положба, близина со земја членка на Европската Унија и две земји членки на НАТО. Регионот има релативно добрата патна инфраструктура и поврзаност во рамките на регионот. За развој на економијата голема можност претставува повторното активирање на железничкиот премин кај Кременица. Односно, функционалноста на железничката врска Велес – Битола – Лерин со пристап до Солунското пристаниште ќе има огромно влијание врз развојот на економијата и врз протокот на луѓе, стоки и капитал. Отворањето на граничниот премин Маркова Нога со Република Грција  и изградбата на експресниот пат Прилеп – Велес. Подобрувањето на добрососедските односи со Р. Грција и повторното отворање на граничниот премин кај село Кременица (граница со Република Грција).

На територијата на регионот има значајни поволности во однос на транспортот и инфраструктурата.

  • Добра комуникациска поврзаност внатре во регионот и на меѓународно ниво. Сепак дел од тие комуникации е потребно да се подобрат (пругата Битола – Лерин), патниот правец Прилеп – Битола – Ресен итн.
  • Енергетскиот комплекс РЕК Битола е од огромна важност за регионот. Со инсталираната моќност од 3 блока х 225 MW, во одредени моменти произведува над 70% од вкупно произведената ел. енергија во Република Македонија.
  • Рудните наоѓалишта во Пелагонија и Мариово кои денес се искористуваат во трите блока на ТЕЦ Битола.
  • Обезбедување енергија од стабилни, сигурни, чисти и обновливи извори е огромен потенцијал кој се должи на поволните климатски услови во регионот за производство на енергија од вода (Чебрен и Галиште), сонце, ветар и биомаса.
  • 100% покриеност со надземен дигитален катастар.
  • Висока покриеност со системи за водоснабдување (недостаток на вакви системи во дел од руралните подрачја).

Како неповолни состојби во Пелагонискиот плански регион се

  • Недостаток на локални/регионални цевководи за снабдување со вода за пиење во руралните средини
  • Непостоење на детална анализа на сообраќајната поврзаност во регионот, соодветно интегрирано управување и контрола на сообраќајот (вертикална и хоризонтална сигнализација), пешачки и велосипедски патеки (во смисла на сигурност).
  • Недоволниот капацитети за одведување и пречистување на отпадните води освен негативните ефекти врз населението се одразува и на животната средина, како и на земјоделството и земјоделското производство (органско и еко производство). Најзагрозена е ситуацијата во руралните средини, бидејќи урбаните центри се во голем процент покриени, а според динамиката и плановите за решавање на овој проблем Прилеп и Битола во блиска иднина ќе ги отстранат опасностите од оваа закана.

Комунална инфраструктура

Пелагонискиот плански регион има околу 605 км водоводна мрежа која во најголем дел ги покрива урбаните центри на општините. Врз основа на податоците од Пописот од 2002 година 95,7% од домаќинствата во овој регион се снабдени со вода за пиење преку организирани системи за водоснабдување.

Покриеноста на населението во урбаните средини со системи за вода за пиење се движи од 80% (Долнени), 95% (Битола), 98% (Прилеп), до 100% (Крушево и Демир Хисар), додека во руралните населби овој индикатор се движи од 30% до 80%.

Во Пелагонискиот плански регион се лоцирани три поголеми акумулациони езера Стрежево, Прилеп и Суводол и повеќе помали акумулациони езера.

Во Пелагонискиот регион постојат 8 депонии кои се евидентирани согласно Националниот план за управување со отпад, а според ризикот за загадување на животната средина. Од вкупниот број депонии, 3 се класифицирани како ризични, додека 5 депонии се рангирани со низок ризик.

Иницијативата за изградба на регионална депонија во Пелагонискиот плански регион е започната и е во тек.Во 2014 година е формиран Меѓуопштинскиот одбор за Регионално интегрирано управување со отпад (РИУО) заради целосно воспоставување на регионален систем за управување со отпад. Во текот на 2014 година поднесена е и апликација до Европската Унија со која се предвидува подготовка на план за РИУО за Пелагонискиот плански регион.

Патна инфраструктура

Како многу важен сегмент за подобра меѓусебната и меѓународната поврзаност на регионот, како и за подобрување на квалитетот на животот за граѓаните во Пелагонискиот регион се двата патни гранични премини. Едниот со Република Албанија кај Стење и граничниот премин Меџитлија со Република Грција. Третиот граничен премин е железнички кај Кременица на границата со Република Грција и истиот не е во употреба. Според постојните податоци од стратешките документи и акциските планови на Министерството за транспорт и врски и ЈП Македонски Железници, во наредниот период е планирана целосна реконструкција на оваа железничка линија и нејзино повторно пуштање во употреба.

Состојбата на локалната патната мрежа во регионот е на многу пониско ниво во однос на европските стандарди. Комуникациските врски се добри, меѓутоа состојбата на патиштата, вертикалната и хоризонталната сигнализација е во незавидна состојба. Од вкупно 14.395 км патна мрежа во Република Македонија, на територијата на Пелагонискиот регион поминуват 2.031,5 км или 14,32% со што може да се заклучи дека регионот е добро комуникациски поврзан.

Железничка инфраструктура

Поврзаноста на Пелагонискиот регион со железничка инфраструктура е на завидно ниво. Вкупната должина на железничка пруга во регионот изнесува 114 км, додека просечната густина 57,18 км/км2 што е далеку над просекот во Република Македонија од 27 км/км2.

Воздушна инфраструктура

Во околината на Битола и Прилеп се лоцирани два спортски аеродроми од класата А, кои се на тревна подлога. Постојат и три леталишта за стопанска авијација од кои две се лоцирани во околината на Битола – „Логоварди“ и „Даме Груев“, а едно во околината на Прилеп – „Сарандиново“. Дел од општините во регионот имаат релативно добар пристап до аеродромот „Св. Павле“ во Охрид во Југозападниот плански регион, кој после реконструкцијата има оптимални услови и капацитет кој може да придонесе во развојот на околните региони.

Енергетска инфраструктура

Количината на потрошена енергија во регионот во 2008 година изнесувала 154 GWh додека во 2012 година потрошувачката изнесувала 169 GWh што е зголемување од 8,8%. Инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија во регионот е 712 MW, со континуиран доток на електрична енергија. РЕК “Битола“ со инсталиран капацитет од 3 блока х 225 MW, обезбедува 70% од целото производство во Република Македонија и 99% од производството во Пелагонискиот регион. Основниот ресурс на термо-електраната е лигнитот. Во регионот се проценети наоѓалишта на јаглен во Брод Гнеотино со 45 милиони тони и во Мариово 110 милиони тони.