Центарот за развој на Пелагонискиот регион во текот на вчерашниот ден присуствуваше на промотивниот настан за отворањето на комплетно реконструираната Зоолошка градина во Лерин, Република Грција, реализирано во рамките на проектот “Зоо Иноватива”.
Со овој проект, за прв пат во изминатите 60 години, координирано, во прекуграничниот регион Пелагонија/Лерин се извршија реконструктивни зафати на два значајни објекти од областа на заштитата на националниот и светскиот биодиверзитет- Зоолошката Градина во Битола и Зоолошката градина во Лерин, со што непосредно се подобрија инфраструктурата и услугите за заштитата на животната средина и одржливото користење на постоечките ресурси во овој регион.
Во рамките на проектот, успешно беше воспоставена прекугранична соработка помеѓу двата региони, согласно регулативите на ЕУ реконструирани беа 8 живеалишта во Зоо Битола, целосно беше реконструирана Зоо Лерин, успешно беа воведени иновативни анимациски содржини во двете градини наменети за жителите на двата региони и беа зајакнати институционалните капацитети на двете Зоолошки Градини.
Успешната реализација на активностите за реконструкција на Зоолошките градини во Битола и Лерин се должи на веќе докажаната успешна соработка и максималната посветеност на проектните партнери од Пелагонија и Лерин, изјави Директорката на ЦРППР, Емилиа Ѓероска за време на промотивниот настан одржан во Лерин.
Проектот Зоо Иноватива воведе современ и иновативен пристап до нови знаења и практики за заштита на животната средина и биодиверзитетот за повеќе од 300.000 жители на прекуграничниот регион Пелагонија/Лерин.
Проектот Зоо Иноватива беше реализиран од Центарот за развој на Пелагонискиот регион во соработка со Општина Лерин и Развојната Агенција Анфло од Грција, Општина Битола и Зоолошката Градина од Битола, Република Македонија.
Реализацијата на проектот беше во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Грција 2007-2013, која што е дел од Компонента 2 на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија, финансиски поддржан од Европската Унија и Министерството за Локална Самоуправа на РепубликаМакедонија.
No comment yet, add your voice below!