СЕКРЕТАРИЈАТ ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Секретаријатот за европски прашања (СЕП) е посебна служба на Владата на РМ  формиран во 2005 година со цел да се интензивира процесот на интеграција на РМ во Европската унија. Главните функции на СЕП се координација и усогласување на работата на државните органи за подготовка на РМ за членство во ЕУ, координација и следење на реализацијата на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, подготовка на македонската вeрзија на правото на ЕУ и преведување на македонското законодавство, јакнење на институционалниот капацитет за водење на процесот на европска интеграција и информирање и комуникација со јавноста за активностите поврзани со процесот на европска интеграција. Една од најважните функции на СЕП е и координацијата на развојната помош од ЕУ, нејзините членки како и останатата билатерална помош поврзана со процесот на интегрирање на РМ во ЕУ.

Веб страната на Секретаријатот се наоѓа на  http://www.sep.gov.mk/

ДЕЛЕГАЦИЈА НА ЕУ ВО РМ

Делегацијата на ЕУ во РМ е отворена во 2000 година. По стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, Делегацијата работи под мандатот на Високиот претсавник на ЕУ за надворешни работи и ја претставува Европската Унија во РМ. Основната мисијата на Делегацијата е да биде врска помеѓу органите на државната управа на РМ и институциите на ЕУ. Делегацијата на ЕУ има улога да мониторира и да известува за комплементарноста на политките, процесите и законодавството со процесот на пристапување кон ЕУ како и да ги информира граѓаните и државните институции за истиот процес. Делегацијата на ЕУ има важна улога и во управувањето со финансиската помош на ЕУ наменета за поддршка на реформските процеси на РМ. Делегацијата на ЕУ во РМ работи во тесна координација со дипломатските претставништва на земјите-членки на ЕУ во РМ.

Веб страна на Делегацијата на ЕУ во РМ

http://eeas.europa.eu/delegations/the_former_yugoslav_republic_of_macedonia/index_en.htm

ЕВРОПСКА КОМИСИЈА

Европската Комисија претставува извршен орган на Европската Унија. Дејствувањето на Комисијата е како неформална Влада, затоа што таа изготвува предлози за нови европски закони, управува со активностите за спроведување на политиките на ЕУ и трошењето на средствата од фондовите на ЕУ. Комисијата е составена од 27 комесари, по еден комесар од секоја земја-членка. Назначувањето на комесарите, вклучително и Претседателот на Комисијата е предмет на одобрување на Европскиот Парламент кој има надлежност и да ја распушти Комисијата. Комисијата има право да предлага нови закони за заштита на интересите на ЕУ и нејзините граѓани а исто така е задолжена да проверува дали секоја земја-членка правилно го применува правото на ЕУ. Европската Комисија заедно со Советот на ЕУ и Парламентот ги одредува долгорочните приоритети и финансиската рамка на ЕУ. Комисијата го составува годишниот буџет на ЕУ кој пак е предмет на одобрување од страна на Парламентот и Советот на ЕУ. Комисијата има клучна улога при трошењето на фондовите на ЕУ затоа што врши надзор врз државните агенции и националните и регионални власти.  Седиштето на Европската комисијата е во Брисел и Луксембург. Комисијата има свои канцеларии во секоја земја-членка на ЕУ односно делегации во главните градови во повеќе земји надвор од ЕУ.

Веб страната на Европската Комисија се наоѓа на www.ec.europa.eu

КОМИТЕТ НА РЕГИОНИТЕ

Комитетот на регионите е етаблиран во 1994 година и тој претставува советодавно тело составено од претставници од регионалните и локалните власти на Европа. Членовите на Комитетот се предложени од земјите-членки и имаат мандат од четири години. Иако членовите на Комитетот се номинирани од владите на ЕУ, тие работат под целосна политичка независност. Комитетот на регионите има свој Претседател кој е избран од неговите членови со мандат од период од две години. Главната улогата на ова тело е да ги изнесува ставовите на локалните и регионалните власти во Европа во врска со законодавството на ЕУ преку давање на мислења, пред се, за предлозите кои ги подготвува Европската Комисија. Седиштето на Комитетот на регионите е во Брисел а веб страната каде можат да се следи неговата работа е http://cor.europa.eu/en/Pages/home.aspx