Туризам
Пелагонија, со своето природното и антропогено богатство има огромен потенцијал за развој на авантуристички (активен) туризам кој вклучува чиста животна средина, запознавање со автентична локална традиција и култура или физичка активност. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика на РМ, во 2015 година регионот го посетиле нешто повеќе од 62.000 туристи од кои околу 41.000 биле домашни а 21.000 странски. Просечната должина на престојот на туристите е 2.5 ноќевања односно околу 150.000 ноќевања во текот на годината. Регионот располага со официјално регистрирани 3.386 соби и околу 10.000 кревети. Овие бројки не ги вклучуваат собите и креветите на сместувачките објекти со капацитет под 20 легла, но според податоците на локалните самоуправи кои се надлежни за категоризација и евиденција на овој тип на туристички капацитети, нивната бројка би го зголемила бројот на соби и легла во регионот само за неколку десетици/стотини.
Главните карактеристики на туристичкиот производ на Пелагонија се чиста животна средина, урбани средини со милениумска историја, активни села, богато културно наследство, културни и спортски настани и секако автентична гастрономија. Во регионот, главни туристички дестинации се градовите Битола, Прилеп, Крушево, Ресен со нивните околини, микрорегионот Преспа со Преспанското Езеро и Националните Паркови Пелистер и Галичица. Останати чинители на туристичкиот производ вредни за спомнување се: езерата Пелистерски Очи, островот Голем Град, архелошкиот локалитет Хераклеја, градската архитектура на Битола, градот Крушево, тврдината Маркови Кули во Прилеп, античкиот град Стибера кај с. Чепигово, Могилата на Непобедените во Прилеп, црквите и манастирите “Св. Ѓорѓи” во Курбиново, “Преображение” во Зрзе, “Трескавец” и “Архангел Михаил” кај Прилеп, “Св. Јован Претеча” во Демир Хисар, “Св. Ана” и “Св. Петка” во Маловишта. Најважни културни настани кои имаат значајна улога во привлекувањето на домашни и странски туристи се: Фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки” во Битола, “Пиво Фест” и карневалот “Прочка“ во Прилеп, “Актерот на Европа” и “Преспански Јаболкобер” во Ресен, Фестивал за народни песни и инструменти “Пеце Атанасоски“ во Долнени и Мал Битолски Монмартр.
Пелагонискиот регион има голем број на активни села кои имаа конкретна туристичка понуда: Брајчино, Љубојно, Долно Дупени, Сливница, Претор, Стење, Отешево, Дихово, Маловиште, Нижеполе, Слепче, Крани, Магарево, Старавина. Гостите во овие села можат да уживаат во прошетки во недопрена природа, автенитчна храна, собирање на плодови, да испробаат техники на производство на градинарски, млечни производи и мед а во крајбрежните села во текот на пролетните и летните месеци да уживаа во одлично уредени плажи и да се бањаат во водите на Преспанско Езеро.
Пелагонискиот регион континуирано ја зајакнува и својата понуда на спортско-туристички настани кои привлекуваат домашни и странски професионални спортисти и рекреативци. Секоја година, во Пелагонија се организираат државни и светски првенства во змајарство и параглајдинг, ревијални и натпреварувачки мото-трки, џип турнеи, трки во планинско трчање, велосипедизам, алпинизам и спортско качување. Во околината на НП Пелистер и Крушево постојат ски центри Нижеполе, Копанки и Станич кои секоја зимска сезона даваат можност за алпско скиење, турно скиење и бордање. За љубителите на спортскиот лов во Пелагонија постојат вкупно 49 ловишта од кои 17 се за крупен дивеч и 32 за ситен дивеч.
Култура
Пелагонија со право може да се нарече лулка на културата во Република Македонија. Луѓето што живееле тука оставиле длабока трага на своето време низ вековите наназад. Нивната култура, пренесувана од генерација на генерација и менувана под влијание на настаните кои се случиле тука, е видлива денес преку богатото историско наследство: археолошки наоѓалишта, цркви, манастири, градска архитектура но и низ елементите на секојдневното живеење. Пелагонија е ризница и чувар на македонската традиција и нејзините жители се особено горди на тоа. Денешната култура препознатлива за Пелагонискиот регион е резултат на милениумската историја на овој дел од светот. Многу цивилизации биле присутни тука, оставиле трага и дале свој придонес во градењето на нашиот идентитет.
Ткаењето на културата и традицијата на Пелагонија започнува уште со првите населувања на регионот во бронзено доба. Остатоци од овој период можеме да сретнеме во близината на средновековниот манастир “Пресвета Богородица” во близина на село Зрзе, општина Долнени. Во блиската околина на манстирот најдена е пештера во карпа од ова доба, во која што се пронајдени и керамички садови изработени од првите жители во овој дел на регионот. Исто така, при неформални ископувања во овој дел од регионот најдени се и фрагментирани остатоци од керамика. Значаен процут културата на Пелагонија доживува во Римско доба, период од кој денес се видливи голем број на културни остатоци и кои се дел од големото наследство присутно во Пелагонија. Од раноантичкиот период во Пелагонија секако најпозната е Хераклеа (Heraclea Linkestis), археолошки локалитет кој се наоѓа на јужната периферија на градот Битола. Овој антички град бил изграден во текот на IV век од страна на Македонскиот крал Филип II. Хераклеа ја красат остатоци од сакрални објекти, украсени со уникатни мозаици, кои заедно со ранохристијанските верски објекти, портикот на судницата, термалната бања, и театарот, го ставаат овој антички град високо на пиедесталот на археолошки остатоци со непроценливо значење за Македонскиот народ и за културата на другите Европски народи.
Во текот на VI и VII век на територијата на Баланскиот полуостров се населуваат Словените кои со себе ги донеле и своите обичаи и традиции кои преку процес на неформална културна размена со резиденото население, се втемелиле во современата култура на денешните жители. Во времето на Средниот век и Византискиот период, во Пелагонија биле создадени огромен број на духовни објекти кои и денес ја вршат својата функција и се незаменлив дел на животот на луѓето од регионот. Најголемиот дел од нив, освен својата огромна историска и културна вредност, и денес ја имаат истата намена за која првично биле создадени – практикување на духовни обреди и ширење на религиска мисла. Од бројните цркви и манастири изградени во овој период би го споменале манастирот Трескавец оддалечен од градот Прилеп само 10 км. Манастирската црква “Успение Богородично” е изградена во 13 век, за покасно низ вековите целиот манастирски комплекс да биде уриван и повторно возобновуван. Манастирот денес, има монашки ред и е честа дестинација за посета не само на жителите на Пелагонија туку и на голем број на странски гости. Манастирот Св. Ѓорѓи во Курбиново е исто така средновековна гордост од светско значење на Пелагонискиот регион. Црквата која е изградена во 1191 година е најголемата еднокорабна градба во Република Македонија. Фрескоживописот на Св. Ѓорѓи има ненадминати естетски квалитети највисоко вреднувани од светската стручна јавност.
Петвековното владеење на Турската империја е видливо преку присуството на големиот број на духовни објекти поврзани со муслиманската култура. Џамии со исклучителна вредност денес можат да се посетат на територијата на општините во Пелагонија. Најпознати репрезенти на овој период се Јени џамија, Исак џамија и Ајдар–Кади џамија во Битола, Чарши џамија во Прилеп и Хаџирамаданова џамија во Ресен. Сите датираат од периодот XV-XVI век.
На преминот од XIX кон XX век за Македонската нација се случиле многу важни настани, кои потоа неминовно ја менувале и Македонската култура. Почетокот на XX век е обележан со славното Илинденското востание после кое за прв пат е формирана Крушевската Република. Од овој период низ целиот регион, а особено во Крушево можат да се сретнат артефакти кои потсетуваат на славните денови на револуционерната борба. Леарницата за куршуми, Музеите на НОВ и Илинден, спомениците Илинден (во кој се наоѓа гробот на легендарниот војвода Никола Карев) и Мечкин Камен, денес гордо стојат и потсетуваат на желбата за слобода на Македонскиот народ. Во почетокот на XX век изграден е и денешниот Дом на култура во Ресен, попознат како Сарај заради својот нетипичен изглед. Објектот е изграден во неокласичен стил, по примерот на Француската архитектура. Овој објект е само уште еден доказ за големиот број на културни влијанија кои се испрепретиле на териотријата на регионот Пелагонија, и кои на свој начин дале придонес кон денешното модерно живеење.
Во периодот по Балканските војни изградена е уникатна градска архитектура која претставува белег на македонската традиција, препознатлив не само на Балканскиот полуостров туку и низ целиот свет. Куќи, и други објекти изградени во овој период, и денес во одлична состојба можат да се видат и посетат во сите населени места на Пелагонискиот регион а псебно убави се објектите на Широк Сокак во Битола и градската архитектура на Крушево.
Културата во Пелагонискиот регион е претставена и преку кујната типична за овој регион. Вкусните јадења и денес се подготвуваат со истата страст како и во периодот на нашите баби и прабаби. Најпознатите јадења во регионот: тавче-гравче, ширден, циронки, скара и најразлични видови на сирења и други млечни производи се неизбежен дел од менијата на традиционалните ресторани, и трпезата во домовите на луѓето од регионот. Традиционалните обичаи и во денешно време се негуваат ревносно, токму како во времето во кое биле создадени.
Значајни културни објекти
Црква Св. Димитрија
Годината 1830 кога е изградена оваа црква не претставува само хронолошки знак туку еден значаен фрагмент од вечноста. Два реда на масивни столбови по шест од двете страни ја делат црквата на три брода од кои централниот е најголем. Централниот брод на црквата е засводен, а неговите краеви се потпираат на два реда столбови. Катните галерии и целокупниот црковен мобилијар му даваат посебна убавина на овој храм.
НУ Завод и Музеј Битола
Националната Установа “Завод и Музеј”-Битола лоцирана е во еден од најзначаните културно-историски споменици во Битола, во објектот Стара касарна. Важноста и значењето на овој објект не се резултат само на неговата монументалност, туку и на историското минато, настаните и личностите кои тука престојувале. Најзначајниот период од постоењето на оваа воена касарна е тесно поврзан со периодот кога во неа се школувал кадетот Мустафа Кемал Ататурк – таткото на модерна Турција. Завод и Музеј Битола содржи Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк и голема поставка на македонската историја. Спомен-куќата на Гоце Делчев, спомен-куќата на Стив Наумов и Меморијалниот музеј во село Смилево се исто така управувани од страна на оваа национална институција.
Хераклеа Линкестис
Хераклеа Линкестис е еден од најзначајните македонски археолошки локалитети изграден во периодот на IV век п.н.е. од страна на Филип II. Наоѓајќи се на најзначајната сообраќајница од тоа време, Виа Игнација (via Egnatia), Хераклеа своевремено се издигнала во нејзина најважна станица во целиот регион. Хераклеа денес е посетувана поради зачуваниот амфитеатар, мозаици, базилики и арехолошки предмети од непроценливо значење. Стара Чаршија
Како еден од најзначајните занаетчиски центри во Македонија а и пошироко, во текот на 19 век, во Битола постоеле и се развивале околу 140 занаети или професии. И денес, дел од нив се лоцирани во автентичните улички, групирани во посебни еснафи со сопствен препознатлив кодекс и обичаи на работа. Битолската стара чаршија заради својата естетика и културно-историски вредности има највисок степен на државна заштита.
Саат Кула
Според старите преданија денешната Саат кула е изградена во истиот период кога во нејзина непосредна близина се градел и православниот храм Св. Димитрија, во триесеттите години на XIX век, иако постоењето на саат кула во Битола се споменува уште од XVII век. Влезот во Саат Кулата ивичен со големи мермерни блокови се наоѓа на северната страна а стотина скалила водат до нејзиниот часовник, поставен на нејзиниот врв на приближно 32 метри висина.
Уметничка Галерија – Јени Џамија
Кади Мехмед Ефенди џамија или попозната како Јени џамија изградена е во 1558/59 година. Оваа џамија по својот изглед е една од највпечатливите и можеби највредните градби во градот Битола. Најкарактеристен детал на џамијата е нејзиното минаре кое се извишува цели 40 метри над земјата. Завод и Музеј Битола до 2017 година се очекува да ја заврши целосната реставрација на џамијата и истата повторно да се користи како уметничка галерија.
Магаза
Магазата претставувала вистинско уточиште за секој трговец кој ја носел својата стока за продажба во градот Битола. Низ портите на Магазата поминувале и се растоварале, изложувале и продавале, најразлични стоки наменети не само за локалните пазари туку и за поголемите европски пазари. Денес најпознатата Магаза лоцирана во центарот на градот е една од бројните магази кои постоеле во Битола од средината на XIX век.
Безистен (Покриен пазар)
Наоѓајќи се во непосредна близина на градскиот центар, Безистенот бил една од највпечатливите и најстарите градби во Битола од периодот на отоманското владење. Изграден е во XV век од страна на Румелискиот Беглер Бег, големиот везир и познат ктитор Кара Даут Паша Узунчаршили. Од XIX век во него имало вкупно 84 дуќани. И денес Безистенот има трговска функција. Во современо опремени продавници се продаваат најразлични стоки и услуги.
Исак Џамија
Исак Челеби Ибн Иса џамија е изградена во 1506 година и таа е една од најстарите зачувани џамии во Битола. Наспроти Саат Кулата и Безистенот, оваа џамија чиј минарет е висок околу 50 метри, доминира во просторот. Исак џамијата била само дел од големиот вакаф на ктиторот кој освен неа изградил и медреса, мектеб, 103 дуќани, лозја, 20 воденици и други религиски и световни објекти. Националната установа Завод и Музеј-Битола и Националниот конзерваторски центар првземаат активости за реставрирање на Исак Челеби џамијата.
Споменик на природата Маркови Кули
Просторот околу Маркови Кули, е прогласен за споменик на природата, заради неговите геоморфолошки и природни карактеристики. Маркови Кули започнува да се издига веднаш после средновековната населба Варош која се смета за предвесник на денешниот град Прилеп. Гранитните форми на Маркови Кули се проценува дека се стари повеќе од 700 милиони години. Највисок врв е Златоврв со 1422 мнв а најпозната геоморфолошка форма се самите Маркови Кули (990 мнв.) на кои е лоцирана и трврдината на Царот Самоил чии остатоци можат да се видат и денес. На територијата на овој споменик на природата се наоѓаат некои од најзначајните културни споменици во Република Македонија – манастирите Трескавец и Св. Архангел Михаил како и голем број на археолошки наоѓалишта кои го потврдуваат милениумскиот континуитет на живот во и околу Маркови Кули.
Манастир Трескавец
На околу 10км. од Прилеп, под врвот Златоврв, подигнат е манастирот Трескавец, со манастирската црква Успение Богодоричино. Карактеристика на манастирот е уникатниот поглед кон цела Пелагонија, планините Бабуна, Баба и Кајмакчалан и градовите Прилеп, Битола и Крушево. Манастирот Трескавец претставува сложен комплекс од градби кои и денес се во фаза на научно истражување. Врз основа на досега познатите податоци, утврдено е дека локацијата на манастирот уште од античко време била свето место за локалните жители кои се претпоставува дека живееле во античката населба Колобаиса. Денешната манастирска црква е подигната во 13 век на темели на раносхристијански храм односно на храм на античкиот бог Аполон. Најстарите фрески на црквата се смета дека се изработувани во текот на 14 век. До манастирот води асфалтен пат, а истиот своите порти ги отвора за посетителите секој ден до 19:00 часот. Ноќевањата во манастирот ќе бидат можни по реконструкцијата на опожарените конаци во 2018 година.
Манастир Св. Архангел Михаил
Над населбата Варош под Марковите Кули се наоѓа манастирот Св. Архангел Михаил со црква и манастирски конаци. Некаде во втората половина на XII век, била подигната првобитната црква Св. Архангел Михаил во нејзиниот источен дел. Во манастирскиот двор, како и на самиот црквен трем, можат да се најдат фрагменти од античко време. Монолитните камени столбови од тремот на црквата се остатоци од антиката, а на еден од нив, е зачуван врежан натпис со кирилични букви од 991 год, во кој се споменува смртта на владетелот Андреа. По натписот на надгробната плоча на самоиловите родители од 993 год, ова е втoр по старост словенски натпис со кирилични букви.
Стибера
Стибера, или како што археолозите сакаат да ја викаат Македонска Помпеја, е еден од најголемите антички градови во Македонија, а истовремено, и еден од најатрактивните антички градски населби. Таа се наоѓа во близина на прилепското село Чепигово, а нејзините остатоци лежат на јужните падини на ридот Бедем каде во неговото подножје се влева рекичката Блато во Црна Река. Стибера – центарот на македонските кралеви во борбите против Илирите е град во кој со археолошките ископувања пронајдена е цела една ризница од подвижен археолошки материјал, што главно му припаѓа на периодот на II и III век, кога Стибера го доживеала својот процут и се откриени најмногу антички скулптури зачувани во целост.
Завод и Музеј
Завод и Музеј Прилеп располага со своја интерна библиотека со богат фонд на стручна литература, како и фото лабораторија која е мошне важна помошна техничка служба при активностите на вработените во институцијата. Во 1961 година поставена е постојана изложба со археолошки предмети, која редовно се обновува. Најновата трајна поставка во Музејот брои повеќе од 3.000 предмети датирани од праисторијата па до среден век. Во рамките на Завод и Музеј работат Меморијалниот музеј 11 Октомври 1941, Меморијалниот музеј Кузман Јосифоски – Питу и Музејот за тутун.
Институт за старословенска култура
Оваа научна установа е основана на 15 Јули 1979 и со својата научноистражувачка дејност од областа на општествените и хуманистичките науки уште во самиот почеток, станала познат научен центар за мултидисциплинарно проучување на културната историја на македонскиот народ во контекст на целокупното словенско културно-историско милје. Во неговото досегашно постоење Институтот успеа да обезбеди репрезентативна систематизирана граѓа од истражувањата на планот на археологијата, историјата на уметност, историјата, лингвистиката, како и етнологијата. Дел од активностите и задачите на Институтот се собирање, систематизација, научна обработка, презентација и публикација на севкупната граѓа за историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ како и истражувања од областа на етногенезата на македонскиот народ.
Меморијален музеј 11 Октомври 1941
Меморијалниот музеј 11 Октомври 1941, помеѓу народот познат како Участак, се наоѓа во центарот на градот Прилеп. Музејската поставка главно ја сочинуваат фотографии, документи, карти, скици, предмети, партизанска опрема и други експонати со придружни текстови кои ги презентираат историските настани во Прилеп и прилепско давајќи им главен акцент на настаните од 11 Октомври 1941 година, односно почетокот на вооруженото востание против фашистичкиот окупатор.
Музеј на тутун
Музејот за тутун во Прилеп е раководен од Завод и Музеј–Прилеп, а неговото функционирање е во соработка со Институтот за тутун. Музејот на тутун е единствен музеј е од овој вид на Балканот и еден од поголемите тутунски музеи во цела Европа. Музејот брои 2584 експонати и тоа од неколку области: експонати за уживање тутун, експонати од индустриското производство и манипулација со тутунот, експонати од рекламирањето на тутун и производи од тутун, експонати од феноменологијата на тутунот, етнографски експонати од производството и манипулацијата со тутунот ликовна збирка, збирка на каширани фотографии, збирка на историски документи и библиотека на ретки и стари книги и ракописи.
Храм Св. Благовештение
Храмот е долг 32 метри, широка 26 метри, а висока 9 метри и е ѕидана во бигорлив делкан варовник, со многу колони од северната, западната и јужната страна. На источната страна е изграден широкиот олтарен простор со апсидата. Наосот на црквата го сочинуваат три кораби формирани од два реда масивни колони. Централниот кораб е полукружно засводен и се издига повисоко од страничните кораби. Кон западната страна на црквата е т.н. „женска црква“. Галериите се на јужната и на северната страна на црквата, во горниот дел на тремовите. Изградбата на оваа црква во турско време била проследена со многу упорност и жртви од страна на локалното население а неговото осветување пред 170 години го извршил митрополитот Пелагониски Герасим.
Центар за култура Марко Цепенков
Центарот за култура Марко Цепенков повеќе од 30 години го создава, чува и негува богатото културно наследство на градот кој неуморно раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, визионери. ЦК Марко Цепенков својата дејност ја започнува во 1979 година како Дом на Културата, со специјално подготвената театарска претстава “Факел“ од Коце Солунски. Во почетокот Домот на Културата ги потикнувал аматерските самодејности: фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фото клубови. Во 90-те години во склопот на Домот на Културата влегуваат списанието за литература, уметност и култура Стремеж и Центар за современа ликовна уметност. Домот на Културата Марко Цепенков прераснува во Центар за Култура со професионална издавачка, ликовно-галериска и сценско музичка дејност. Центарот за култура во 2004 година го добива статусот Национална Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ и во нејзини рамки влезе дотогаш Народниот театар “Војдан Чернодрински“.
Саат Кула
Саат Кулата во Прилеп преставува заштитен споменик на културата. Градена е во периодот 1825/1826 година. Подигната е од Саид Ага, висока е околу 40 метри, а заедно со столбовите и конусот на врвот достига до 55 метри. Ја изградил познатиот прилепски ѕидар Перо Лауц. Реновирана во 1836/37 и 1896/97 година, а во меѓувреме бил поставен часовник во 1858 година. Во долниот дел, на спротивната страна од влезот, има чешма а над влезната врата има натпис со арапски букви. Со цел да се спречи континуираното навалување на кулата, нејзините темели се дополнително зајакнати и зацврстени. Просторот околу Саат Кулата е партерно уреден и претставува едно од најомилените катчиња за релаксација на жителите и гостите на град Прилеп.
Спомен-куќа на Тоше Проески
Спомен-куќата на најголемата македонска поп ѕвезда, Тоше Проески, е отворена во 2011 година на Гумење во знак на благодарност и почит на македонскиот народ кон ликот и делото на Тоше Проески. Објектот е распослан на скоро 900 квадратни метри и содржи 350 автентични експонати од животот на најпопуларниот македонски пејач. Спомен-куќата е отворена за посетители секој ден во неделата, освен понеделник, од 09:00 до 16:00 часот.
Споменик “Мечкин Камен”
Овој споменик, претставен како востаник со високо подигната карпа над главата, го отсликува последниот очајнички миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули, кои скапо ги дадоа своите животи во одбраната на Крушевската Република. Со споменикот кој е оддалечен неколку километри од центарот на градот, претставена е една од најголемите и најепски битки во целата македонската историја.
Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република
Музејот е сместен во автентична староградска куќа од 19 век, во која во 1903 година била прогласена Крушевската Република. Тука се сместени оригинални експонати како оружје, карти, мапи, фотографии и други предмети со цел хронолошка презентација на случувањата од времето илинденската епопеја.
Галерија Никола Мартиноски
Еден од најголемите македонски уметници и академски сликар, Никола Мартиноски, има создадено огромен број дела што се сметаат за врвни дострели во македонското сликарство. Галеријата е лоцирана во неговата родна куќа во Крушево и во неа покрај негови дела, работени во неколку периоди во творештвото на уметникот, сместена е и поставка со автентична крушевска соба. Галеријата е отворена за посети секој ден од неделата, освен понеделник, од 09:00 до 16:00 часот.
Музејот на НОБ
Отворен е во 1988 год. и во него се сместени експонати кои сведочат за Народно Ослободителната Борба од 1941 до 1945 година. Во музејот доминира Муралот – ѕидна фреска на фронталниот ѕид, изработена од големиот македонски мајстор на боите, Борко Лазески. Фреската го отсликува текот на Втората Светска Војна. Музејот е лоциран во непосредна близина на историски познатото место Гумење и спомен-куќата на Тоше Проески.
Споменикот на “Слива”
Уште еден споменик кој е симбол на јунаштвото и саможртвата на македонските востаници при одбраната на Крушевската Република во август 1903 година. Споменикот ги чува од заборав настаните од Илинденскиот период кои се длабоко врежани во душата и свеста на целиот македонски народ.
Меморијален музеј во село Смилево
Поставка која е сместена во музејот во село Смилево се однесува на Смилевскиот конгрес одржан во 1903 година, на животот и делото на револуционерот Даме Груев како и на активностите на партизанскиот одред „Даме Груев“. Музејот содржи и етно соба со предмети и носии од Смилево и смилевскиот регион..
Приватна библиотека АЛ-БИ во село Бабино
Располага со повеќе од десетилјаден фонд на книги, ракописи, разни документи стари и по 300 години, уникатни дела напишани на старословенски, турски и арапски јазик, изданија на книги што се печатени во многу мал тираж, збранувани и конфискувани книги и многу други дела од областа на историјата, книжевноста, музичката уметност и слично. Во состав на библиотеката е отворена етно соба, а во дворот на библиотеката е изграден првиот приватен амфитеатар. Сместена е во куќа која има традиционален изглед и самата претставува туристичка атракција и возбудлива дестинација за голем број домашни но и за странски туристи.
Манастир „Свети Јован Претеча“
Манастирот Св. Јован Претеча се наоѓа во непосредна близина на селото Слепче. За прв пат во пишани документи се спомнува во 14 век, но според народните преданија манастирот го подигнал Цар Самоил во 1010 година. Манастирот претставувал важен резбарски и сликарски центар, но исто така е познат и по својата книжевна дејност каде се преведувале и препишувале богослужбени книги за црквите во демирхисарско и пошироко. Во манастирот постои активен монашки живот и истиот е ставен под заштита на државата.
Манастир „Свети Атанасиј Александриски“
Лоциран е на 3 километри од село Журче во прекрасен планински предел. Познато е дека манастирската црква е подигната во 1121 година и целосно живописана 1622 година. По својата архитектурна форма манастирската црква е меѓу ретките во Македонија и Балканот. Во манастирот е обновен монашкиот живот како и преведувачката дејност во него, и истиот е ставен под заштита на државата.
Спомен-куќа на Татарчеви
Спомен-куќата претставува најново изграден репрезентативен културен објект во центарот на градот во кој е претставен животот на семејството на народниот херој Христо Татарчев. На вкупно 280 квадрати, куќата содржи 8 восочни фигури, оригинални предмети од 19 и 20 век како и сликарски композиции со детали од животот на семејството Татарчеви.
Сарајот
Споменик на културата во Македонија и најрепрезентативен објект на старата градска архитектура во Ресен. Изградена во почетокот на 20 век во времето на Младотурската Револуција во стилот на неокласицизмот а по примерот на француската архитектура, во овој објект се наоѓа Домот на културата Драги Тозија. Во Сарајот се сместени и Ресенската керамичка колонија и спомен-музејската поставка на најпознатата ресенска сликарка Кераца Висулчева.
Керамичка колонија
Членка на Интернационалната Академија за керамика при УНЕСКО, со повеќе од 800 трудови кои зад себе ги оставиле повеѓе од 200 керамичари од целиот свет во период од 35 години. На тој начин е формирана вистинска уметничка ризница од која 300 најкарактеристични дела се постојано изложени во Галеријата на современа керамика во зградата Сарај. Атењето во Отешево, освен за време на колонијата може да угости светски реномирани уметници во останатиот дел од годината.
Строго заштитен резерват Езерани
На северниот дел од Преспанскотот Езеро сместен е природниот резерват Езерани на површина од 2080 хектари. Во 1995 година е назначен за Рамсарско место и во 1996 година прогласен за строго заштитен резерват како живеалиште на околу 200 видови птици од кои 62 видови се ставени на листата на заштитени видови во согласност со Берн Конвенцијата. Три видови на птици се наоѓаат на Европската Црвена листа со светски загрозени видови.
Етнолошки музеј во село Подмочани
Приватна колекција на археолошки предмети која се наоѓа во куќата на Јоне Ефтимовски и е една од најбогатите етнолошки колекции во РМ со над 2000 уметнички предмети: накит, оружје, стари монети, предмети од домаќинство и преку 160 различни македонски национални носии од сите етнолошки региони на Македонија.
Црква Св. Ѓорги во село Курбиново
Црквата е изградена кон крајот на 12 век, поточно во 1191 година. Убавината и естетиката на фрескоживописот во оваа црква ги надминува границите на Република Македонија и се вбројува меѓу најголемите вредности на човечката цивилизација. Претставувањето на Архангел Гаврил е главно обележје на црквата, заедно со фреските на Света Ана и нејзината ќерка Света Богородица како и портретите на словенските просветители Свети Кирил и Методиј. Црквата се наоѓа на еден километар над селото Курбиново односно на 15 километри од центарот на Ресен.
Манастир Св Богородица во село Сливница
Црквата посветена на Света Богородица, манастирските конаци и дворот, го сочинуваат комлексот Сливнички манастир. Според натписот во црквата, истата била изградена во 1607 година, а во 19 век била направена дрвена камбанарија и затворен трем. Манастирските конаци се користат за ноќевање на посетителите, туристите и планинарите.
Хаџи Рамаданова џамија
Еден од позначајните споменици од исламската култура кој е изграден во 1592 година од страна на битолскиот бег Хаџи Рамадан. Во своето постоење џамијата е неколку пати реставрирана и така и е зачувана карактеристичната форма – opus cloisinе.
Спомен Куќа на Блаже Конески
Спомен-куќата на еден од најистакнатите современици на македонскиот литературен јазик, академик Блаже Конески, се наоѓа во неговото родно село Небрегово. Изградена во 19 век во типичен рустикален стил, спомен-куќата содржи поставка на предмети од периодот на детство и младост па се до почетокот на неговото школување надвор од Македонија. Спомен-куќата содржи богата библиотека на дела на Блаже Конески како и дела напишани на современ македонски јазик.
Манастир „Свето Преображение“
Манастирот Св. Преображение се наоѓа во близина на село Зрзе, на 1000 метри надморска височина на планинскиот масив Даутица. Археолошките истражувања имаат потврдено дека на локалитетот на манастирот постоел живот и се создавала култура уште од почетокот на енеолитот и бронзено време. Во минатото, на локацијата на манастирот постоела монашка населба (од втора половина на IX век во Бигорната Карпа) и ранохристијанската базилика од V век, што дополнително сведочи за манастирот и селото Зрзе како културен центар уште од најраната појава на христијанството во Република Македонија. Манастирот Св. Преображение, изграден во времето на Крал Марко, 14 век е еден од најважните средновековни световни објекти во Македонија поради својата архитектура, фрескоживопис и континуирана културолошка дејност. Манастирот, до кој води нов асфалтен пат, е епископско седиште на секретарот на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, Епископот Хераклејски господин Климент. Во рамките на манастирскиот комплекс израден е нов монашки конак со работилница за иконопис и копаничарство како и магерница.