Рекордни 95 филма ќе бидат прикажани на 31. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што ќе се одржува од 16-ти до 22 октомври во Битола, најави директорката на фестивалот Лабина Митевска денеска на прес-конференција.
Во главната, натпреварувачка програма се 12 филмови кои се во трка за наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300: израелско-француско-германската копродукција „Либан“ (со гости од филмската екипа на фестивалот), израелско-германскиот „Аџами“, турскиот „Мед“, францускиот „Влез во празно“, копродукциите „Жени без мажи“, „Г-дин Никој“ (најавен како спектакл снимен со голем буџет во многу земји), „Како го завршив ова лето“ (филм од најновата руска продукција), јужнокорејската комедија „Ха, ха, ха“, холандскиот „Ништо лично“, данскиот „Се ќе биде добро“ и британските „Четири лава“ и „Уште една година“ на Мајк Ли – филм што според селекторот Благоја Куновски имал најголем потенцијал за Златната палма во Кан.
Селекторот на официјалната програма Куновски рече дека се работи за различни и препознатливи стилови. – Различни по израз, од т.н. камерни драми со неколку автори до спектакуларни филмови… главниот извор беше филмови од трите водечки филмски фестивали во Берлин, Венеција и Кан, и други филмови кои по својот израз се наметнаа сами по себе како неизбежни, изјави Куновски.
Во програмата „Нови визии“, во селекција на Сунчица Уневска, ќе бидат прикажани шест филма кои третираат реални приказни. Тука се холандскиот „Дали си таму“, за актуелната пасија со видеоигри, словенечкиот „09:06“ – за самоубиствата во Словенија, германскиот „Пико“ за негрижата кон младите затвореници, финскиот „Испитување“, иранскиот „Орион“ и унгарскиот „Пал Адриен“, за кој селекторката Уневска рече дека е бисер на оваа програма поради исклучителната и оригинална приказна.
Во документарната програма, по избор на Евгенија Теодосиевска, ќе бидат прикажани девет кои се избрани од 67-те пријавени на фестивалот. Меѓу нив се „Видеокрација“, најавен како контроверзен, „Граѓанинот Хавел“ за поранешниот чешки претседател, филм портрет за култниот режисер Милош Форман, уругвајски филм за патување низ Јужна Америка, како и два македонски филма – „Духот на татко ми“ посветен на Ристо Шишков и „Биолошки минимум“ во режија на Иван Митевски.
Премиерно ќе бидат прикажани и три македонски филмови – „Мајки“ на Милчо Манчевски на свеченото отворање на фестивалот на 16 октомври, како и „Некои поинакви приказни“ – филмски парчиња од пет балкански режисерки, меѓу кои е и Марија Џиџева од Македонија, и филмот „Војната заврши“ на Митко Панов.
Во чест на лауреатот на Златна камера 300 за животно дело на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“ – директорот на фотографија Вилмош Жигмонд, на 22 октомври, за затворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Ќе сретнеш висок мрачен странец“ во кој тој е кинематографер, а режисер е Вуди Ален.
Добитник на Специјалната награда Златна камера 300 е британскиот директор на фотографија Роџер Прат, кој ќе биде гостин во Битола. Во неговиот досегашен опус се 35 снимени филмови, меѓу кои „Чоколадо“, два филма од серијалот за Хари Потер, историскиот спектакл „Троја“. Негов најнов проект е римејкот на класичниот филм од 1980-тите – „Карате кид“ во режија на Харалд Зварт
Организаторите дополнително ќе го соопштат составот на жирито што ќе одлучи за добитниците на трите фестивалски награди. Се очекуваат околу 400 гости од кои стотина се странски. Ќе има и 12 кратки филма, од кои најдобриот директор на фотографија ќе добие Мала златна камера 300. Ќе бидат организирани и работилници, со учество на новинари и филмски критичари од познати светски списанија, како „Варајети“ и „Скрин интернешнл“, проекција на филмови за деца – во соработка со спонзорот на фестивалот – ВИП оператор. Во соработка со Кинотека на Македонија, пак, првпат ќе бидат прикажани целосно седум филмови на браќата Манаки, како и омаж за карикатуристот Делчо Михајлов и неговите анимирани филмови. Во фокусот на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“ се три национални кинематографии – израелската, бугарската и финската.
– Да се донесат вакви луѓе и ваква програма, тоа е голем труд. На вистински пат сме и ако фестивалот оди вака, сигурно е дека еден ден ќе ги заслужува првите страници, рече Горјан Тозија, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Проекциите на филмовите ќе бидат во големата и малата киносала во Центарот за култура во Битола, а за подобар квалитет на сликата и звукот, ќе биде донесена техника од Сараевскиот филмски фестивал. Буџетот на фестивалот е околу 200.000 евра, од кои 4 милиони денари се од Министерството за култура.
No comment yet, add your voice below!